Со изведување писмени и материјални докази денеска почна главната расправа од процесот што пред охридскиот Основен суд се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
Претставник на Обвинителството на денешното судско рочиште го прочита обвинителниот акт, според кој првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот Илија Спасески пред Судот се произнесе дека не е виновен.
Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски, по однос на обвинението даде кусо образложение во кое изјави дека одбраната не спори дека оштетениот критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее го убеди Судот дека во делото нема докази за зборови од омраза, како што сака тоа да го наметне Обвинителството, како и оти нема материјални докази дека провообвинетиот е извршител на делото.
Забелешка на застапникот на одбраната е и дека оштетениот не е Бугарин, односно дека нема бугарско државјанство, туку дека се работи за македонски државјанин.
Судијата Бојан Мартиноски, кој го води процесот, со оглед на тоа што оштетениот Христијан Пендиков и денеска не се појави пред Судот, донесе одлука да ги ослободи повиканите сведоци од денешното рочиште, а процесот да продолжи со изведување писмени докази.
Застапникот на оштетениот Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, пред Судот образложи дека неговиот клиент не е во можност физички да присуствува на денешноот рочиште од здравствени причини.
Како оштетена страна во процесот, Камишески најави дека во постапката ќе биде предјавено парично оштетно побарување, согласно тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар на кејот на Охридското Езеро во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) На судењето презентирана снимка од нападот на Пендиков
МИА/фото: МИА/Видео: А1он