еМагазин
Image default
Спорт

„Виз Ер“ Скопски маратон го прославува својот 15-ти јубилеј

Минатата година околу 10.000 луѓе излегоа на патеката на „Виз Ер“ Скопски маратон во Скопје. Тие покажаа колку е значајна самата манифестација.

Тркачите дојдоа од 51 држава од целиот свет претставувајќи ја сплотеноста на сите учесници и влијанието на мисијата на „Виз Ер“ Скопскиот маратон да го зголеми значењето на спортот и здравиот начин на живеење. Тоа совршено ја отсликува и одлуката маратонот секогаш да се одржува во овој период, во чест на 9 мај, Денот на Европа.

„Ќе имаме неколку настани во мај, но „Виз Ер“ Скопскиот маратон на 4-ти мај е многу значаен. Како што посочи директорот, новина имаме во штафетниот маратон со наслов „ЕУ за спорт“. Тој вклучува четворица тркачи каде двајца од нив трчаат девет километри, а останатите 12 километри, и спојот на сите е еден цел маратон. Можам да споделам дека и јас ќе трчам на штафетата, заедно со моите три деца, така што ќе ме видите таму.

Оваа трка е за секој кој сака да се забавува, за секој кој сака да излезе од својата комфор зона и да ги надмине петте километри, а не е подготвен за полу-маратонот или маратонот. Со тоа таа претставува уште една патека и можност за учество во маратонот. Оваа трка е и за сите тие кои што сакаат да го почуствуваат тимскиот дух, секој кој сака да ја поддржи екипата, или да навива за заеднички успех“, истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Тој додаде дека Делегацијата не ЕУ ќе продолжи со поддршка на неколку настани за спортување, сѐ со цел да се промовира здравиот начин на живот и заштитата на животната средина.

„Посветеноста на организаторите и поддршката од страна на Агенцијата за млади и спорт, Градот Скопје и Делегацијата на Европската Унија, придонесе Скопскиот маратон да прерасне во настан кој го промовира нашиот град и нашата држава. Од тука можам да ветам константна поддршка за овој настан и во иднина од страна на Агенцијата за млади и спорт, од причина што ние сме секогаш тука да дадеме максимална поддршка на настаните кои се во интерес на развој на спортот и промоција на здравиот начин на живот“, вели Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт.

Директорот на „Виз Ер“ Скопски маратон Кире Синадиновски рече дека иако прославуваат15-ти јубилеј, секоја година се трудат сѐ повеќе да внесуваме новости.

„Сакаме константно да се надградуваме. Оваа година благодарение на поддршката од Делегацијата на Европската Унија се организираат и бесплатни групни тренинзи кои започнаа од 28-ми март. Унијата е покровител и на „Штафетниот маратон – ЕУ за спорт“ кој оваа година има прекрасни нови медаљи кои одлично ја претставуваат ЕУ. Тие се симбол за тоа како единки кога работат заедно стануваат една моќна целина. Честиот развој ни дозволува да останеме релевантни во регионот и пошироко.

Затоа толку голем број на лица од други држави се пријавуваат. Но, тоа ни дава уште една одговорност, а тоа е да вратиме на општеството и заедницата. За да го оствариме тоа оваа година се одлучивме да започнеме партнерство со GivenGain.com каде секој заинтересиран може да донира за три организации и тоа СОС Детско село, Момент плус или Проект среќа“, рече Синадиновски.

Тој додаде дека патеката е измерена од страна на ИААФ и АИМС со што Виз Ер Скопски маратон го обнови постоечкиот сертификат за точност на патеката и истата ги исполнува сите стандарди за учество на Олимписки игри и Светски првенства.

„Ние сме дел од нешто повеќе. Не се гледаме како организатори на еден маратон, туку на настан кој го исполнува Скопје со многу позитива. Нашата мисија е што поголем број на луѓе да стануваат дел од ова движење и „Виз Ер“ Скопски маратон, затоа што само така ќе покажеме дека спортот може да е секојдневие на сите. Денес може да ги видите луѓето како трчаат по улиците во секој град од државата.

Тоа нѐ исполнува со многу мотивација и затоа, како и секогаш, ќе дадеме сѐ од што можеме за најголемата спортска манифестација да се надмине себеси.“, порача Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Град Скопје.

Во склоп на „Виз Ер“ Скопски маратон се одржуваат неколку трки и тоа трката од 5 километри, полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон. Пријавувањето за учество завршува на 22 април 2019, а самите стартни пакети ќе можат да се подигнат на 2 и 3 мај 2019 ви просториите на Парк Хотел и Спа.

Заинтересираните може да се пријават кај официјалниот партнер на Виз Ер Скопски маратон www.smartrace.club или официјалниот веб сајт skopskimaraton.com.mk.

И оваа година стартните пакети ќе бидат од eventbaxx со минимален број на принтани материјали со цел да се заштити животната средина.

Сите кои ги исполнуваат условите ќе добијат 20ЕУР вредносен ваучер од Wizz Air. Заинтересираните може да се пријават кај официјалниот партнер на Виз Ер Скопски маратон www.smartrace.club или официјалниот веб сајт skopskimaraton.com.mk.

Виз Ер Скопскиот маратон е под покровителство на Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје и Агенција за млади и спорт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Српските медиуми за пласманот на Македонија на ЕП: „Никој не може да го оспори Горан Велики„

Редакција

Новак Ѓоковиќ не сака да се вакцинира, и по цена да ја заврши тениската кариера

Редакција

Се дозволува организација и учество на спортски натпревари без сертификат за вакцинација

Редакција