еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Владата одобри, па Груби се повлече: Објектите на „Стара медицина“ во Тетово каде што учат македонски паралелки, нема да бидат дадени на Катастар

Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби синоќа информираше дека стариот објект на Средното медицински училиште во Тетово ќе остане во владение на општината, наместо државата да го одземе и да го пренамени за потребите на Агенцијата за катастар.

-Наоѓајќи се секогаш во служба на потребите на граѓаните, потенцирам дека барањето на родителите и учениците за потребата од користење на тие простории е апсолутен приоритет за мене и за Владата, затоа и без никакво двоумење веќе од вторник, Владата ќе го врати на нивно располагање стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово, исто како што направивме и пред една година, напиша Груби на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој истакна дека во одлуката објектот да се отстапи на Агенцијата за катастар на недвижности немало никаква тенденција. Појаснува дека тоа било побарано уште кога градоначалничка на Тетово била Теута Арифи.

-Во врска со изнесените полемики денес во јавноста за давањето на стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово во служба на Агенцијата за катастар на недвижности, би сакал да дадам објективно разјаснување на целата ситуација и да појаснам дека во одобрувањето на оваа одлука од страна на Владата нема никаква намерна тенденција.

Ваквата одлука првично е донесена на барање на Агенцијата за катастар во 2021 година, во времето кога општина Тетово ја водеше Теута Арифи. Владата тогаш ја разгледа разумноста на ова барање за задоволување на просторните потреби на Агенцијата за катастар, која ја чуваше документацијата на несоодветни простори и даваше услуги во непристојни услови за граѓаните на Тетово и ја усвои одлуката, но на барање на општината тогаш и ги врати просториите на располагање на училиштето.

Агенцијата за катастар го повтори барањето оваа година со образложение дека постојат простории кои не се користат.

Без никаква намерна тенденција, исто како и во 2021 година, Владата ја усвои одлуката тие простории да преминат на користење на наведената агенција за да им служат на граѓаните на Тетово, напиша Груби.

Претходно од Влада информираа дека Одлуката училишниот комплекс познат како „Стара медицина“ да се даде на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности е донесена врз основа на барање на Агенцијата за катастар, затоа што досегашните простории не биле адекватни за реализација на работните задачи и процедури, имајќи го предвид соодносот на бројот на вработени и просторните услови.

Од Владата посочија дека во досегашните простории не постојат услови за чување на архивските материјали, катастарските збирки на исправи, катастарската документација, како и другиот архивски материјал и овој материјал бил сместен во подрумските простории на трговскиот центар во Тетово, кои и во изминатиот период неколку пати биле поплавувани.

– Имајќи предвид дека катастарската документација спаѓа во категоријата на архивска граѓа од трајна вредност, треба да се обезбедат простории со соодветни услови кои ќе овозможат заштита и чување на катастарската документација.

Дополнително, досегашните просторни услови воопшто не се соодветни за пристап за повозрасните лица како и за лицата со попреченост и инвалидитет, што е спротивно на политиката на Владата за да се олесни комуникацијата на институциите со сите граѓани, се наведува во владината реакција.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами најави дека ќе ја тужи Владата за ваквата одлука.

Според него, Владата со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование, како и дека Општина Тетово воопшто не била консултирана за неа.

Според Касами, во 2004 година се направени измени во Законот за средно образование, со кои сопственоста и недвижниот имот на средните училишта се пренесува на локалната самоуправа, односно на општините.

– Во член 112 став 1 од Законот за средно образование се вели: сопственоста на училишните објекти и имотот на средните училишта, од став 1 на овој член, со одлука на Владата ја презема општината, изјави Касами, според кого, со Одлуката за давање на објектот на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности, Владата не само што го прекршила Законот за средно образование, туку ги погазува и сопствените одлуки.

Тој побара Владата итно да ја преиспита оваа одлука, објаснувајќи дека зградата на медицинското училиште може да се користи исклучиво за образовни цели, а никако за друга намена.

Во објектите на „Стара медицина“ се одвива настава на паралелките по македонски јазик при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голема акција на МВР: Десетина полициски службеници приведени поради фалсификување патни исправи и лични документи

Редакција

Мијалков осуден на осум години затвор за „Трезор“, Грујевски на 15, а се конфискувани и пари во износ од 176.000 евра

Редакција

Се поделија, па пак се соединија: Беса и Алтернативаа потпишаа декларација за соработка

Редакција