ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот Стево Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број на заболени и починати од Ковид-19.
Подготвени се за разговори и средби, но не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.
Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на денешната прес-конференција рече дека е потребно продолжување на вонредната состојба затоа што има здравствена криза, а непрогласувањето на нова вонредна состојба, ќе го сметаат за политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Бројките покажуваат дека државата не излегла од корона кризата, туку дека таа се продлабочува и нова вонредна состојба мора да има. Поради негрижата на Владата на Заев и Оливер Спасовски досега имаме 169 починати, 3.538 заразени, повеќе од 15 илјади граѓани ги загубија рабтните места и се уште е непознат бројот на новозаразени, истакна Јанушев.
Тој го повика претседателот Пендаровски да се издигне над, како што рече, притисоците од Заев.
– Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална, да го штитите здравјето на граѓаните, рече Јанушев.
Генералниот секретар на ВМДО-ДПМНЕ додаде дека како партија се отворени за консензус и разговори без разлика во кој формат би биле средбите, но оти за нив е најважно здравјето на граѓаните.
– Лицитирањето со датуми во овој момент кога имаме огромен раст на новозаболени и на починати е всушност лицитирање со здравјето на луѓето. Тоа нема да го правиме, порача Јанушев, додавајќи дека за да излезат со датум треба да има нормализирање на состојбата.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пендаровски: Партиите да се договорат за датум за избори, земјата може да влезе во длабока криза
Пендаровски: Нема потреба за нова вонредна состојба