Ветерот прави проблеми на екипите на ЈП „Македонија пат“ на патот Велес-Штип во овчеполскиот регион. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“-Штип, Кире Коцев вели дека кај селата Сарамзалино и Павлешинци поради силниот ветер на коловозите се прават и наноси од снег, но екипите се постојано на терен и ги расчистуваат, за да се одвива сообраќајот во зимски услови.
Тој забележува дека и синоќа имале пример, кога тешко моторно возило поради немање зимски гуми, односно опрема застанало на коловозот меѓу селата Лозово и Сарамзалино, но сообраќајот не бил попречен и се одвивал без проблеми.
-Заедно со полицијата успеавме да го тргнеме настрана. Затоа по кој знае кој пат ќе повторам дека во вакви зимски услови на пат не се тргнува со летни гуми, а брзината се прилагодува на условите на патот, вели Коцев.
Тој истакна дека се ангажирани сите камиони, а на патиштата во источна и југоисточна Македонија се фрлени околу 150 тони сол и 300 м/3 ризла. Се чистат само патиштата од прв приоритет.
Коцев кој е најискусниот инженер во регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“ – Штип и ги познава сите патни правци и проблеми, кои што можат да се појават на нив забележува дека и со старата механизација можат да се справат со проблемите, но оти, според него, државата под итно треба да размислува за набавка на нови машини.
-Убаво е што се градат нови патишта, но со нивната изградба треба да се размислува и за набавка на нови машини. Во моментов нашата механизација е стара, постојано ја поправаме и ја одржуваме. Сепак ќе кажам и во такви услови еве успеваме да ги одржуваме патиштата. Но, мора да се размислува и да се набават нови машини, за да се одржуваат и новите патишта кои се градат во источна и југоисточна Македонија, вели Коцев.
Сообраќајот на патиштата во источна и југоисточна Македонија се одвива во зимски услови.
МИА