Во монашка посета на Бигорскиот манастир престојуваат членови на Обителта на Свети Никодим Светогорец.
-Голем Божји благослов и радост за нашата Света Обител ни донесе престојот на дел од братството на манастирот Свети Никодим Агиорит заедно со нивниот свет старец и игумен, Високопреподобниот архимандрит г. Хризостом II.
Чесните отци и браќа монаси го исполнија нашиот манастир со монашка радост преку заедничката во Христа љубов и со нивното прекрасно пеење го збогатија празнувањето на споменот на великиот јерарх, Светиот Григориј Богослов, изјави за МИА,ст Отец Кирил.
На свечениот манастирски пречек (иподохи) старецот Хризостом ги изразил своите топли благодарности и ја искажал желбата која ги довела тука во манасирот, а тоа е средбата со старецот и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј.
-Многупочитувани отци и браќа, Ви благодариме од длабочината на срцето за топлото, срдечно и полно со љубов иподохи што ни го приредивте мене смирениот и на мојата синодија.
Знајте дека дојдовме при Вас, секако, прво, да се поклониме на светињите на Вашата света Обител, на чесниот Претеча, како и на останатите светињи. Сепак, дојдовме при Вас бидејќи почувствувавме дека многупочитуваниот и драг ваш старец има да внесе и во нашите срца слово Божјо на светиот дух.
Чувствуваме дека тој харизматичен човек, Богољубивиот и Преосветен Старец Партениј има да ни каже и нам слово за спасение, рекол меѓу другото г. Хризостом II.
Нашата обител, додал, се наоѓа близу границата со вашата татковина и е метох на Света Гора, на манастирот Симонопетра и е нова обител.
-Ние Ве чувствуваме браќа, бидејќи сите православни сме истокрвни. Внатре во нашите вени кружи крвта на нашиот Христос. И ништо не може да ја прекине таа врска на братство што треба да ја имаме помеѓу нас.
Ви благодариме и повторно, од длабочината на срцата наши, и посакуваме и Вие, кога ќе дојде време и Божјата волја, да ни дојдете, за да можеме и ние така да Ви возвратиме на Вашата љубов. Благословете, порачал архимандрит Хризостом II.
Тие го посетиле и манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, кој е метох на Бигорски.
-Средбата и дружењето со браќата монаси и нивниот свет старец и игумен беше од голема полза и поткрепа за нашето братство, бидејќи на нив се гледаше духот на љубовта, радоста, послушанието, единството, трудољубивоста. Нивното доаѓање е голема поддршка и потврда на големото евангелско дело што го прави нашиот старец, епископот г. Партениј и големо охрабрување за нас монасите во подвигот на љубовта и послушанието, посочува отец Кирил.
МИА/Фото: Бигорски манастир