Дизајнот на македонското студио Omni Creative е награден со злато на престижниот фестивал MUSE Design Awards 2021. Наградениот дизајн “Nobull…”, еден од брендовите на Македонија-Експорт, е во категоријата пакување за закуски, десерти и ужини и е за производи кои се продаваат на американскиот пазар, информираат од таму.
“Nobull…” е награден во конкуренција од 3.942 дизајнерски решенија за светски познати брендови, како Subaru USA, Cineplex, BBC Studio Events, KFC, Burberry Beauty, Hyundai, Mondelez International, Inc. (Oreo), Disney+ SG Yamaha Motor Company и многу други.
Вниманието на реномираните судии и оценувачи на фестивалот го привлече концептот и едноставната порака истакната на самото пакување дека за разлика од повеќето премиум брендови кои формираат повисока цена на производите за сметка на скапите рекламни кампањи и поддршка од славни личности, концептот “Nobull… само вкусни закуски!“ е изграден околу идејата да се добие најдобра вредност за парите, фокусирајќи се на она што е навистина важно: состојките, вкусот и задоволството на клиентот.
Пакувањето е изработено од Димитар Проданов, сопственик на креативното студио Omni Creative.
„Иако работиме во свет кога многу нешта се кажани, сепак креативноста и дизајнерскиот потпис секогаш наоѓаат инспирација за автентичност, уникатност и оригиналност.
Тоа го потврдува и дизајнот на “Nobull…” и оваа награда што ме прави неизмерно горд и ме уверува дека во нашата индустрија може уште многу нешта да кажеме и направиме на поинаков и несекојдневен начин со што ќе дадеме дополнителна вредност на производите и услугите на клиентите”, вели Проданов.
Оваа престижна наградата за Omni Creative доаѓа токму во година кога агенцијата обележува 15 години успешен развој на нови брендови и дизајн на уникатни пакувања.
Интернационалниот фестивал MUSE Design Awards е создаден од “International Awards Associate (IAA)”, и се одржува секоја година во Њујорк. Наменет е за професионалци од маркетинг и адвертајзинг индустријата кои се стремат да ги подигнат стандардите на креативната и дизајнерската совршеност и важи за еден од најголемите настани во овој сектор.
Жири комисијата е составена од 44 професионалци од водечки компании од креативната и дигиталната индустрија од 23 земји.