еМагазин
Image default
Македонија

Продолжува судењето за масовното прислушување

Во Кривичниот суд Скопје, денеска ќе продолжи судското рочиште за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Судечкиот совет на 19 јуни одлучи да се раздвои постапката за обвинетите Грујевски и Бошковски, а да продолжи против останатите обвинети во овој случај. Претходно судечкиот совет ја раздвои и постапката за екс министерката Гордана Јанкулоска.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пред два дена на презентацијата на првиот преоден извештај на ОБСЕ рече дека СЈО има многу докази дека лицата кои се обвинети во случајот „Тврдина-Таргет“ прислушувале и тоа ќе го докаже пред судот.

– „Тврдина – Таргет“ е предмет за тоа дека службени лица од УБК ја уништиле опремата за да не може да се утврди дека на тие машини се прислушувало. Имаме форензичко вештачење во кое се утврдува кој, како и на кој начин прислушувал. Имаме докази во предметот што се уште не е почнат пред судот, а би требало да почне и се надевам дека сите ќе бидеме присутни да утврдиме кој прислушувал. СЈО има многу докази за тоа кој прислушувал и не може овој предмет да го даде на Основното јавно обвинителство, истакна Јанева.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Треба да се испочитува здравствениот систем овде, па да се замине во странство, вели Манолева за лекувањето на Леонид

Редакција

Детален преглед на состојбата со заразени од Ковид-19 по македонските болници

Редакција

Судот во Стразбур утре ќе ја донесе првата пресуда за трансродово лице во Македонија

Редакција