Дали сте подготвени да чуете уште едни Женски приказни на тема Soft Landing & Community Building? Специјалните предавачи на трeтиот настан од втората сезона се Триша Дег и Кејтлин Мекалистер од Чикаго, САД, кој ќе се одржи на 1 aприл, понеделник, со почеток од 18 часот во Јавна соба, Скопје.
„Со поглед кон иднината, во нашата земја ни се потребни повеќе жени на лидерски позиции. Придонесот што жените како иноватори, претприемачи и мотори на промени можат да го дадат на економскиот раст во Македонија е многу важен. Многумина се веќе вклучени директно и индиректно во поддршката за креирање средина во која жените во Македонија се препознаваат и целосно можат да придонесат за развојот на новиот претприемачки екосистем. Зошто? Што е постигнато? Што друго можеме да направиме? Дојдете и придружете се кон разговорот со нашите претприемачи, основачи, лидери, ментори, конектори – жени и мажи“, поентира Нина Николиќ, од #SwissEP.
Предавачите од Чикаго, САД, Триша Дег – потпретседател за талент програми и операции на Асоцијацијата за технологија на Илиноис и Кејтлин Мекалистер, извршен директор на Catapult Chicago, ќе ги презентираат своите лични и професионални приказни, да ве инспирираат и мотивираат.
Предвидени се и посебни сесии каде Дег ќе говори на темата „Привлекување и задржување на технички таленти во вашиот град и градење заедница во рамките на технолошка заедница, а Кејтлин ќе презентира за „Меко приземјување на технолошките компании на мериканскиот пазар“.
„Искористете ја оваа можност да разговарате со жените кои ги делат истите предизвици, интереси и страсти како вас. Овој настан ќе ви помогне да стекнете нови пријатели и изградите партнерства. Ако размислувате како да превземете иницијатива и да се впуштите во стартап светот, би сакале да ве запознаеме. Ќе имате можност да се вмрежите со жените на лидерски позиции во различни фази на градење на нивните кариери и бизниси„, додава Николиќ.
Настанот е организиран од Womenpreneurs Stories, во соработка со Швајцарската програма за претприемништво (#SwissEP), поддржана од Владата на Швајцарија и имплементирана од Swisscontact; во партнерство со World Chicago, FITR, MAAA, CEED MKD, Public Room и Grouper.mk.
Обезбедете си место на следниот линк.