еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Вонредната состојба се продолжува за нови 14 дена

Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на денешната седница на Советот за безбедност најави дека ќе донесе одлука за нова вонредна состојба во траење од 14 дена, која ќе почне да важи од утре.

-Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба која ќе почне да тече утре, изјави Пендаровски по седницата.

Донесувањето на оваа одлука, рече, има за цел само да им овозможи на Владата и институциите поефикасно да се справуваат пред се со, како што потенцира, здравствените, но и економско-социјалните предизвици поврзани со кризата предизвикана од кононавирусот.

Таа, додаде претседателот, не треба да се доведува во корелација со изборниот процес, односно со датумот на парламентарните избори што, според него, е предмет на договарање во еден поинаков политички формати. различни комуникациски канали различни од Советот за безбедност.

Претседателот Пендаровски упати три пораки – една до граѓаните, една до Владата и една до лидерите на политичките партии.

-Сакам да им се заблагодарам на огромното мнозинство наши граѓани за тоа што трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на своето и здравјето на најблиските. Сакам да упатам и апел да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултати кои ги имавме досега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигуно ќе ја добиеме, но, мора да останеме совесни и одговорни до крај, рече претседателот Пендаровски.

Тој на Владата и порача дека негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на цела територија и за сите граѓани. Надлежните органи и министерства, рече, мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките без исклучок и неселективно, без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Со неказнувањето на оние кои свено не ги почитуваат законите, потенцира Пендаровски, се остава простор за враќање на кризата на почеток.

-На политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби сакам да им порачам дека државата нема Парламент. Постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за дамумот на следните парламентарни избори да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет, рече шефот на државата.

Државата, потенцира тој, едноставно не може и не смее со месеци да функционира само со воведена вонредна состојба. Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека на седницата ги чул мислењата за состојбата во земјата на сите присутни и оти врз основа на таквите мислења и податоците од надлежните институции ќе ја донесе одлуката за продолжување на вонредната состојба.

Третата, исто така, четиринаесетдневна вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот завршува денеска, а ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.

Претседателот Пендаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.

Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.

Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Партиите биле блиску до договор за датум за избори, но во последните два дена комуникацијата била прекината, вели Пендаровски

Мицкоски: Непријатно е во вакви услови да се зборува за избори

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

74,9% од лицата со Ковид-19 и 79% од хоспитализираните, од 40.208 граѓани позитивни на вирусот, биле невакцинирани

Редакција

(Видео+фото) Градоначалникот Костадинов „стана“ Тито, вечер главното дефиле на Струмичкиот карневал

Редакција

Хорор во Скопје: До смрт ја претепал жената со која живеел во куќа на улица „Перо Наков“

Редакција