еМагазин
Image default
Македонија

Вработен во Општина Петровец сведочеше во „Талир” за начинот на плаќање донации во име на ВМРО-ДПМНЕ

Судењето за предметот „Талир” во Кривичниот суд Скопје, денеска продолжи со презентација на сведоци.

Прв исказ пред суд даде сведокот Горанчо Ангеловски, вработен во Општина Петровец, кој призна дека во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, уплатил парични средства како донација.

„Плаќањето го вршев во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Петровец. И во банка имам уплатено парични средства што се собирани од членарина. Во коверт ми беа дадени уплатници и пари.

Членарината ми беше одбиена од плата, месечно. На име донација колку што се сеќавам имам уплатено 20.000 денари“, изјави сведокот.

Обвинителката Ленче Ристоска, му предочи пример од уплатницата, на кој сведокот го призна износот, но не и дека е негов потписот.

Пред почетокот на сослушување на сведоците обвинителката Ристоска презентираше материјални докази, т.е уплатници во различни износи.

Обвинителниот акт за „Талир” поднесен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) го опфаќа нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, и незаконска изградба на седиштето на партијата.

За првото кривично дело обвинети се поранешниот претседател на ова партија Никола Груевски, (се суди во отсуство) поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот пратеник Илија Димовски и обвинетиот Леко Ристоски.

Според обвинението, тие се товарат дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.

За изградбата на партиско седиште, пак, се обвинети само Груевски и Божиновски. Тие склучиле договор за изградба на објектот со компанијата „Бетон” иако според законот не смееле затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции.

Со договорот со „Бетон“ тие договориле „несразмерна корист“ за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Стејт депратмент: Македонија презема напори, но не ги исполнува целосно стандардите за елиминирање на трговијата со луѓе

Редакција

Хоспитализирани се на Пластична хирургија: Двајца од повредените во автобуската несреќа вратени во Македонија

Редакција

Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими одат во притвор

Редакција