Македонија најверојатно е уникатен пример во која именувано лице кое е осомничено за рекетерирање од притвор налага како да постапува Специјално јавно обвинителство (СЈО) и си активира оставка.
Стотици прашалници и дилеми предизвикаа писмата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од истражниот затвор во Шуто Оризари со кои во прашање се доведува начинот на функционирањето на правосудниот систем во земјава.
Имено, таа од притвор им порача на колегите од СЈО да ги предадат предметите на Јавното обвинителство, а потоа наводно и си ја активирала условната оставка дадена на 15 јули.
Македонската јавност веќе одамна чувствува дека нешто смрди во случајот „Рекет“, а реата стана уште поголема откако вчера без дискусија и зад затворени врати членовите на собраниската Комисија за избори и именувања од власта и од опозицијата едногласно донесоа одлука да му предложат на Собранието да ја разреши специјалната обвинителка Катица Јанева.
Станува збор за редок случај за сложност меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и тоа кога е во прашање очигледната намера да се стави крај на работата на Специјалното јавно обвинителство.
Тие се решени да го згаснат СЈО и покрај тоа што нашите партнери од меѓународната заедница јасно порачаа дека СЈО не е само Катица Јанева и дека случаите кои произлегоа од прислушуваните разговори мора да добијат судски епилог.
Сега останува да видиме дали „Рекет“ ќе се искористи целосно да се урнат предметите кои против високи политички функционери ги отвори СЈО или пак Јавното обвинителство ќе продолжи да ги води се додека нема казни за сторителите на криминални дела.
Доколку тоа не се случи, ќе биде повеќе од јасно дека нашата земја е заложник на трите најголеми политички партии и нивните теснопартиски интереси и дека само поради нив нашата земја може да не добие датум за преговори со ЕУ, што станува извесно по ваквиот епилог со „Рекет“ и СЈО односно очигледниот партиски упад во правосудниот систем.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Катица Јанева наводно со писмо ја активирала оставката од 15 јули
Собраниската Комисија едногласно и без дискусија донесе одлука Јанева да биде разрешена
Може ли Јанева од притвор да бара предметите на СЈО да ги преземе Јавното обвинителство?