ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива упатија критики за формирањето на новата владина коалиција предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА.
Единствениот и најголем именител на коалицирањето се криминалот и лагата. Ќе потсетиме дека Зоран Заев за ДУИ пред изборите рече дека 5 пари не вредат, а ДУИ за СДСМ рече дека се криминалци, реагираа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
„Значи државата ќе добие влада која 5 пари не вреди и која е криминална. Што се однесува до укинувањето на Пржинската влада и премиер Албанец, самиот Пржински модел беше договорен меѓу опозицијата и власта, Заев нема право без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада.
Оттука се работи за уште една нова спектакуларна лага на двајцата лидери која има за цел да се отргне вниманието на крими коалицијата која ќе ја формира владата. Оние кои 4 месеци на оглас откриваат кој ја гради дивоградбата во Мавровка која никна пред очите на целата јавност сега ќе управуваат со буџетот на сите, ќе ја злоупотребуваат и крадат иднината на сите. Ваква крими коалиција е новото цунами во државата.
Што се однесува до ветувањето за испитување на потекло на имот, тоа е предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година. Кога тоа беше предложено од претседателот Христијан Мицкоски, Заев тогаш рече дека можело да се испитува потеклото на имот и со постојните закони.
Сега тој брза со ова решение за да тој го води процесот на испитување и да го сокрие сомнителниот и криминален имот на сопственото семејство.
Еве да ја кажеме целта на тој закон кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи во првата прилика во Собрание, тој закон треба да се носи за Зоран Заев и криминалната дружина и таквите како нив кои преку ноќ се обогатија на грбот на народот.
Оваа крими коалиција е со времен рок на траење, и за еднократна употреба“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива соопштија дека станува збор за измама и нелегитимна влада.
„Како прво, е измамничка, затоа што и двете страни сериозно ги измамиле граѓаните и второ, е нелегитимна, затоа што партнер на оваа влада станува партија кој насилно и манипулативно ја ограби политичката волја на Албанците.
Прво, ДУИ измами, што денес го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, го измами СДСМ, која пред изборите рече дека „во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ “.
Затоа, за нашата коалиција, оваа влада не заслужува никаков политички респект и, како таква, ќе се соочи со 12 пратеници и народ кој нема да дозволи измама и узурпација на политичката волја.
После оваа мега-измама, што е над срамот во однос на моралот, што само нивното лице може да го издржи, Коалицијата заклучува дека во Северна Македонија се занимаваме со политичка каста, која утре ќе биде владата, која ќе владее без принципи, туку водени само од тесни деловни, клански и семејни интереси.
Во овој контекст, борејќи се за вистинска демократија во нашата земја, како и да се грижиме граѓаните повторно да не бидат измамени, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе биде бранител и непоколеблив војник против оваа нелегитимна и измамничка влада.
Од утре сме на офанзива за, со сите демократски средства да ја вратиме демократијата, да престанеме со манипулацијата со политичката волја и да престанеме со измамата што виси како навика на главата на една земја која се стреми кон Европската унија“, соопшти коалицијата.
МИА/Фото: СДСМ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Се укинува техничката Влада: Премиер на ДУИ во последните 100 дена
(Видео) СДСМ и ДУИ се договорија за нова Влада: Зоран Заев ќе биде премиер