Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за непотизам при вработувањата во МНР, а во последниот случај според партијата станува збор за сопругата на пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, вели дека Министерството има недостиг од кадар.
-Нема ништо незаконито во вработувањето. Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места.
Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно, рече Османи во Студио 10 на ТВ 24.
Османи кажа дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание. Тој додава дека таа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки нема голем интерес за вработување во МНР.
Османи вели дека во моментов има оглас за вработување на 16 нови луѓе.
Тој зборуваше и за презентерката Бесмира Ејупи, несудената конзулка, која сега е вработена во МНР, а претходно од различни државни институции земала хонорари од 12 илјади евра.
– МНР има потреба од 50 вработувања, но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници, вели Османи за Студио 10.
За Ејупи вели дека знае јазици и имала безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното Министерство.
Фото: МНР