еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Заев и Мицкоски утре на лидерска во Собрание за иднината на СЈО и предвремени парламентарни избори

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски утре во Собранието на лидерска средба ќе се обидат да најдат заеднички јазик за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Лидерската средба, како што потврдија за МИА владини извори, ќе почне во 20 часот и ќе се одржи во формат еден плус четири.

Во фокусот на лидерската ќе биде Законот за јавно обвинителство, но Мицкоски синоќа во интервју за Алфа најави дека ќе ја отвори и темата за предвремени парламентарни избори.

Од Владата за МИА велат дека главна тема е Законот, а за тоа дали ќе се разговара за предвремени ќе се види на лице место.

Од ВМРО -ДПМНЕ за МИА го потврдија одржувањето на лидерската, но нагласија дека освен за Законот за јавно обвинителство, тема ќе бидат и предвремените избори. Од партијата велат дека темата предвремени избори била услов за одржување на лидерската.

Заев вчера во пораката за Денот на независноста меѓу другото изрази и увереност дека земјата има капацитет со двотретинско мнозинство да го донесе и Законот за јавно обвинителство.

– Сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата правна држава, истакна премиерот.

Поради скратените рокови Законот за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

Последната средба на работните групи на власта и опозицијата за законот, која се одржа минатата недела не вроди со суштествен заклучок, а сега се очекува решението да се бара на лидерската средба.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пет барања за одземање на праетничкиот имунитет на Груевски

Редакција

Убава вест: Оздравени 197 лица кои боледувале од Ковид-19

Редакција

Стевчо Јакимовски повторно ќе се кандидира за градоначалник на Општина Карпош

Редакција