„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“ е можното прашање на референдумот за името, кој би бил од консултативен карактер, информираше премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по лидерската средба во Клубот на пратеници.
За ова и за опцијата референдумот да биде консултативен, Заев рече дека разговарал со лидерите на сите партии освен на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ја напушти средбата по околу еден час од нејзиниот почеток.
Заев изјави дека сите што останале на лидерската средба се за влез во ЕУ и во НАТО и за успешен референдум како процес.
„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието допрва треба да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да биде донесена одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени“, рече Заев.
Во секој случај, како што рече Заев, волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието.
Фото: Влада