еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Заев поднесе оставка од премиерската и лидерската позиција во СДСМ

Претседателот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев вечерва поднесе оставка од двете функции.

На прес-конференцијата во седиштето на партијата Заев им честиташе на политичките опоненти на изборната победа и истакна дека ја презема одговорноста за лошите резултати од изборите.

Тој останува на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори, бидејќи, како што рече, престојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.

– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.

Тој им честиташе на сите избрани градоначалници на кои им посака чесно и одговорно да му служат на народот.

– Горд сум што заедно ја внесовме земјата во НАТО. Лани добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци. Си го обединивме нашиот мултиетнички народ и економски видливо го зајакнавме и покрај пандемијата која што владееше.

Спроведовме успешен попис, изградивме историско пријателство со сите наши пет соседи со договорени стратешки партнерства. За нас, прогресивните, кои веруваме и им се радуваме на овие историски успеси, за жал, дојде политичка казна, рече Заев.

На овие избори, како што посочи, било видливо дека многу пари, главно однадвор и од домашни бизнисмени, се слеале за поддршка на опозицијата.

– Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини, а дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични, финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите, рече Заев.

Тој изрази разочараност што мнозинството од народот ги избрал, како што рече, истите луѓе и политичари кои пред четири години во Парламентот сакаа и тргнаа да убиваат.

– На овие избори видовме дури и сојузи меѓу жртвите и насилниците од 27 април 2017 година. Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без каков било образ за власт и пари. Сакав ова да го напоменам и споменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ.

Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ. Но, нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија, а кога е слобода и демократија, правилото е дека треба да има преземање на одговорност.

Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја.

Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене, ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг и да водат грижа за својата политичка фотелја, порача Заев. 

МИА/Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бројот на заболени здравствени лица со коронавирусот во Македонија порасна на 38

Редакција

Директорот на АВМУ, Трајчевски во првите шест месеци потрошил 4.443 евра, од кои најголем дел за патувања

Редакција

МВР склучи договор со “Dat-con“ вреден 487,8 илјади евра

Редакција