еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Зафировска од IT Labs: Во ковид-пандемијата, технологијата ни помогна да функционираме нормално

Дигитализацијата е неминовна, бидејќи развојот на технологијата и напредокот на индустријата придонесуваат таа да биде задолжителна, вели во интервју за „еМагазин.мк“, Костандина Зафировска, генерален менаџер на IT Labs.

Компанијата IT Labs, која постои повеќе од 15 години и соработува со компании од најразлични индустрии низ светот, нуди основни советодавни и консултантски услуги за деловни стратегии, како и развојни тимови за управување со целосниот животен век на развојот на софтвер, вклучувајќи одржување и поддршка.

Компанијата е присутна во Источна и Западна Европа и Јужна Америка, опфаќајќи деловни центри во САД, Велика Британија и Холандија, а од неодамна отвори и канцеларија во Србија.

Успешната приказна на компанијата ќе биде раскажана и на Самит Македонија 2025, кој ќе се одржи на 18. ноември 2021 година, на кој Зафировска ќе биде дел од учесниците на еден од панелите посветен на успешни бизниси.

Во однос на дигитализацијата, која е една од главните теми на Самитот, Зафировска смета дека секоја земја во зависност од тоа колку е развиена и колку има ресурси за да спроведува дигитализација, толку и инвестира.

„Изненадена сум што во нашата држава, со тек на време, некои од институциите успеаја да спроведат некакви дигитални процеси што е многу добро. Економската трансформација која што се случува повлекува и дигитална трансформација во различни сектори.

Но, во различни околини, дигиталната трансформација се одвива на поинаков начин. Дигитална трансформација може да доживее еден производ кој е направен пред 20 години во стара технологија и тој да се трансформира со најнови технологии на „клауд“ или нешто што е целосно мануелно да се дигитализира и да се префрли во дигитален систем,“ вели Зафировска.

Компанијата IT Labs делува во бизнис секторот низ САД и Европа, каде што соработува со клиенти на кои им се дигитализираат нивните бизнис процеси, или пак се прави целосна дигитална трансформација на производи од постара технологија во најнова технологија.

На македонскиот пазар IT Labs најмногу соработува со старт-ап заедницатата на која, како искусна компанија, придонесува за развојот на оваа заедница.

„Идеите кои доаѓаат од младите претприемачи повеќе се во насока на една таква дигитализација. Оттука сметаме дека е значајно во Македонија да се насочиме кон поттикнување на старт-ап заедницата, во развојот на нивните идеи како и младите луѓе да добијат поддршка од искусни професионалци во бизнисот и технологијата,“ вели Зафировска.

Луѓето во една компанија се најважни, а успехот зависи од флексибилноста

Ковид-кризата, според нашата соговорничка, даде една нова перспектива на работењето, како во повеќето сектори, така и во ИТ индустријата.

„Се покажа дека можеме да бидеме поинаку продуктивни, не само на начините на кои бевме навикнати. Работењето од дома на нашите тимови донесе одредени бенефити. Иако почетокот беше стресен и различен, со оглед на тоа дека излеговме од комфорната зона на работењето, балансот помеѓу животот и работата се зголеми, работевме во средина која на нашите тимови им одговараше, а се задржа стандардот на испорака како и професионалноста на нашата организација.

Технологијата исто помогна и во соочувањето со пандемијата. На пример, технологијата сега се користи за да се идентификуваат прележаните и непрележаните лица од Ковид-19 и тоа да биде поврзано на светско ниво. Можноста да се гледаме преку видео-повици како и користењето на социјалните мрежи и паметните уреди, ја одржа блискоста со колегите и фамилијата.

Технологијата овозможи да останеме понормални, бидејќи ако оваа пандемија се случеше пред 30-40 години кога ги немаше денешните придобивки, луѓето немаше да можат да се поврзат дигитално,“ додава Зафировска.

Иако се компанија во ИТ индустријата, сепак, според Зафировска, тие се компанија за луѓето односно членовите на тимот од кои сакаат да изградат професионалци кои ќе воодушевуваат во светот на ИТ индустријата.

„Благодарејќи на одличната екипа и нашиот оддел за човечки ресурси и таленти, кои навистина се грижат за луѓето, па се до технолошките предизвици кои ги нудиме, луѓето навистина се пронаоѓаат во нашата компанија.

Секој ИТ професионалец ако гледа дека може да расте професионално, да се надоградува и да види дека е ценет, лесно може да го предвиди кариерниот пат во нашата компанија. Сакаме да вложуваме во луѓето, бидејќи тоа е инвестиција која се враќа многукратно.

Македонија, Балканот и Источна Европа важат за пазари каде што има одлично образование на ИТ професионалците, а воедно и важат за земји со помал стандард. Во минатото ова подразбираше дека и цената на отворениот пазар на ИТ професионалците е далеку помала од американскиот и европскиот пазар, што во денешно време воопшто не е случај.

Пандемијата направи револуција; повеќе не се гледа од каде е човекот, туку кои вештини ги поседува, кои се способностите кои ги демонстрира и каква одговорност ќе превземе. Ништо не е пречка американска фирма да вработи кадар од Балканот бидејќи нема потреба да биде во иста канцеларија со нив.

ИТ професионалците може да живеат во својата средина, со пријателите и семејството, а повторно да заработуваат американска или европска плата која во наши услови има друга вредност поради стандардот,“ објаснува Зафировска.

Според нејзе, останува предизвикот за секоја ИТ-компанија како да се дојде до квалитетни луѓе.

„Фокусот ни е во луѓето, имаме воспоставено „хепинес“ стратегија со која се насочуваме кон силните страни на тимовите и истите да ги развиваме. Имаме неколку различни методи со кои придонесуваме луѓето во нашата компанија континуирано да напредуваат и да бидат среќни,“ додава Зафировска.

За една компанија да биде успешна нашата соговорничка вели дека многу е важен ентузијазмот на ко-основачите, но во градењето на една визија, мисија или цел мора да се биде агилен и флексибилен.

„Она што го прави успехот на една компанија е нејзината агилност, односно колку може да ги предвиди трендовите што доаѓаат од повеќе правци, но од друга страна да се прилагоди на новите услови на работење.

Потребно е да се направи ретроспектива каде сме, каде сакаме да бидеме и која е нашата цел како и што е тоа што не донесе до овој статус каде што сме сега. Не верувам дека постои една компанија која почнала со една цел а таа да не се промени, посебно кај компаниите кои се долги години на пазарот.

Работам со ко-сопственици кои имаат отворени погледи, препознаваат како се менува пазарот и според тоа се прилагодуваме и нудиме нови решенија и услуги, како и предизвици за постоечкиот и потенцијалниот талент,“ завршува Зафировска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мојсоска Блажевски: Самит Македонија 2025 и годинава ќе опфати теми важни за нашата иднина, подобро деловно опкружување и поквалитетен живот на граѓаните

Дигитализацијата и забрзаниот економски развој, во фокус на годинешниот Самит на Македонија 2025

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УЈП распродава запленети телевизори, монитори, штампачи по багателни цени

Редакција

Гоце Делчев сигурно се превртува во гробот од тоа што му се подготвува за роденденот

Редакција

Надвор од Азија, најмногу заболени од коронавирусот има во Италија, 152 лица и 3 смртни случаи

Редакција