еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Заглавен предметот за бонусите на обвинителите од поранешното СЈО

Заглавен е предметот за високите бонуси кои ги делеле обвинителите и вработени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за кои пред повеќе од една година предистрага отвори Основното јавно обвинителство (ОЈО) за гонење на организиран криминал и корупција.

Шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска на прашање на еМагазин до каде е предистрагата, вели дека тие се уште од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески го чекаат класифицираниот извештај за платите и додатоците на обвинителите од поранешното СЈО, кој тој го добил од Државниот завод за ревизија, според процедурите и хиерархијата.

Имено како што објави Државниот завод за ревизија во септември 2020 година исплатите на дополнителни надоместоции кои им се исплаќале на вработените во СЈО од страна на поранешната шефица, Катица Јанева, осудена за предметот „Рекет“, биле означени како класифицирани информации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јовески: Првичните согледувања покажуваат дека по ист основ два пати се делеле надоместоци во СЈО

ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори предистрагата и изврши претрес во просториите на СЈО во ноември 2019 година, откако медиумите преку интернет платформата на Министерството за финансии, „Отворени финансии“, ги открија високите бонуси.

Нив специјалните обвинители ги земале како надомест за да ги чуваат тајните кои ги дознаваат од разните истраги. Како што објавија тогаш медиумите додатоци биле дури и повисоки од основните плати кои ги добивале.

Освен обвинителите, бонуси земале и други вработени во СЈО.

Денеска Советот за јавни обвинители треба да избере пет нови обвинители кои ќе работат во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и пет обвинители за во Вишото обвинителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фатиме Фетаи избрана за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје

Стефанова, Ајро, Пеливанов, ПоП Трајкова и Колариќ се нови обвинители во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција

Меѓу кандидатите се и неколку обвинители од поранешното СЈО.

ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ИСПЛАТЕНИ 4,6 МИЛИОНИ ЕВРА БЕЗ ЗАКОНСКА ОСНОВА

Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) откри дека согласно правилникот што го изготвила Јанева, на обвинителите и вработените во поранешното СЈО за периодот од 2015 до 2019 година без законска основа им биле исплатени околу 4,6 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Државните ревизори утврдија дека во СЈО се делеле додатоци на плата спротивно на регулативата

Во извештајот се наведува дека до вкупната сума е дојдено по откривањето на податоци за исплати на кои Јанева им ставила назнака класифицирани.

„На донесениот заклучок на ревизорот за усогласеноста за исплатените средства за плати и додатоци на плати со релевантната законска регулатива и интерните акти, влијаат и констатираните состојби кои се однесуваат на остварување на правото на другите надоместоци, кои произлегуваат од информациите кои имаат степен на класификација дадена од страна на одговорното лице на СЈО и се дел од посебен извештај“, се вели во извештајот.

Според вториот, јавно објавен, ревизорски извештај, износот на исплатените додатоци во СЈО за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице.

Во него стои дека од почетокот на 2016 година до септември 2019 година, по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност и за посебна заштита на приватност, се исплатени средства во вкупен износ од 282.896.000 денари за кои ревизијата не обезбедила соодветен критериум.

Врз основа на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги, во ревизорскиот извештај се вели дека додатоците на плата за 2015 година, коишто се предвидени за јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице.

Во предвид се земени и интерните акти донесени од јавниот обвинител, односно правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи.

„Правото на додаток на плата на јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој утврдени се додатоци на плата, и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт“, се вели во извештајот на ДЗР.

Од Државниот завод за ревизија утврдиле дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти, но не и правото на други надоместоци.

„Освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, се вели во извештајот.

ЈАНЕВА ВО РЕВИЗИЈА СЕ СОБЛЕЧЕ ВО ДОЛНА ОБЛЕКА

Јанева пак која моментално е во домашен притвор, чекајќи ја правосилноста на пресудата за „Рекет“, во писмените белешки до Државниот завод за ревизија напишала дека извештајот е тенденциозен.

„Ја оспорувам законитоста во постапувањето на Државниот завод за ревизија и на ревизорскиот тим при изготвувањето на двата нацрт-извештаи кои ми се доставени.

Од содржината повеќе од очигледно е дека се постапувало по нарачка на Обвинителството изготвувајќи незаконски и тенденциозен извештај“, напишала Јанева, која тврди дека одлуки за надоместоци за јавните обвинители, истражители и други вработени во СЈО ги донела по примањето на незаконски прислушуваните материјали.

„Средствата се исплатувани од редовната буџетска сметка на СЈО, значи нема никакви тајни сефови и сокриени исплати.

Секогаш се исплатувани од соодветната ставка каде беа планирани и одобрени со донесените буџети, тоа значи дека надлежните институции одговорни за исплата на овие надоместоци секогаш имале увид во финансиското работење на ова Обвинителство“, напишала Јанева.

Од ДЗР не ги прифатиле забелешките на Јанева.

Во јуни 2020 година од куќен притвор таа беше спроведена во ДЗР да даде изјава за овој случај, но наместо изјава како што објавија тогаш медиумите таа таму се соблекла во долна облека.

Поради нејзиното однесување бил направен записник и констатиран прекршок, кој одбила да го потпише и прими.

Потоа била повикана итна помош и и била дадена инекција за смирување.

Од МВР потврдија дека Јанева во ДЗР го нарушила јавниот ред и мир.

Фото: СЈО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Парична казна за две лица од Валандово, не се самоизолирале и контактирале со повеќе лица

Редакција

По барање на СЈО замрзнат имотот на „Европа 92“ и на „НОЕЛ“ во истрагата за „Поштенска банка“

Редакција

Талат Џафери има коефициент на интелегенција како Ајнштајн, можеби и поголем, вели братот на техничкиот премиер

Редакција