Царинската управа заплени 146.278 килограми увезен необработен тутун, пуштен незаконски во промет, без платена акциза во износ од 281.585.150 денари.
Како што соопшти денеска директорот на Управата, Горан Сугарески, се работи за десет увози на тутун „вирџинија“, реализирани од страна на правно лице од Гевгелија во декември 2017 и цела 2018 година. Увезениот тутун, наместо да се доработи е пуштен во промет.
За овој случај се поднесени кривични пријави против две правни лица со седиште во Тетово и Гевгелија и против три одговорни лица на правните субјекти. Претходно се извршени претреси на повеќе локации во Скопје за обезбедување докази.
Царинската управа, нагласи Сугарески, во соработка со надлежните институции постојано врши контроли. Само изминатите денови успешно се реализирани заплени на 284,5 килограми режан тутн наменети за нелегална продажба и 413 кутии по 200 парчиња или вкупно 82.600 филтри за полнење цигари. Изречени се 11 платни налози за нерегистрирана дејност.
„На 10 февруари годинава Царинската управа до ОЈО Гевгелија поднесе кривични пријави против две правни лица со седиште во Тетово и Гевгелија и против три одговорни лица на правните субјекти поради основано сомневање дека е сторено кривично дело „недозволено тргување со меѓу производи, метил алкохол и тутунски добра“.
Станува збор за 146.277 килограми увезен необработен тутун, пуштен незаконски во промет, без платена акциза во износ од 281.585.150 денари и камати за ненавремено плаќање од 12.505.380,66 денари или вкупно 294.090.531 денар, односно повеќе од 4,7 милиони евра“, рече Сугарески на прес-конференција.
Според него, се почести се производството и продажбата на нелагален режан тутун кој нема никави документи со кои би се докажале неговото потекло, вид, квалитет, местото и начинот на одгледување и чување, што воедно е штетно и за здравјето на луѓето.
Акцизните производи, потсети Сугарески, учествуваат со околу 22 отсто од вкупните даноци што ги прибира државата. Над 40 проценти од приходите од акцизи се од цигарите и тутунските производи.
„Ако се знае висината на буџетот, 3,4 милијарди евра, станува збор за значаен извор на приходи“, нагласи директорот.
МИА