еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Заштедите растат, доказ дека граѓаните веруваат на банките

Банкарскиот систем мирно и стабилно ги надминува сите турбуленции кои во изминатава година внесоа неизвесност во светот на домашните финансии, навлегувајќи во 2019 година со банки кои се во одлична кондиција, депозити со тренд на континуиран раст што укажува и на тоа дека довербата меѓу потрошувачите постојано се зголемува.

Стабилноста на банкарскиот систем, што неодамна ја потврди и ММФ надоврзувајќи се на извештаите од Народната Банка на Македонија (НБРМ), укажува на тоа дека банките се добро капитализирани, ликвидни и профитабилни, надминувајќи ги предизвиците што им ги донесе оваа година.

Силна потврда за довербата која ја уживаат банките е и постојаниот тренд на раст на заштедите. Односно, според последните податоци од НБРМ нивото на штедните влогови изнесува 345 милијарди денари, односно 5,6 милијарди евра, што претставува годишен раст на депозитите во банкарскиот сектор од речиси 11 проценти. Од нив, околу 4 милијарди евра се заштеди на граѓаните.

Токму за стабилноста на банкарскиот систем и за растот на депозитите во последниов период често се огласува и гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска:

„Македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем, па во последните десетина години вкупните депозити растат со стапка од околу осум проценти, што придонесе за значајно зголемување на штедењето од околу 10 процентни поени од БДП, достигнувајќи 55 проценти од бруто-домашниот производ. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, што во целиот период остана здрав, стабилен, високо ликвиден покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови “.

Според информациите од НБРМ стапката на просечниот раст на вкупните заштеди во последниве 10 години е околу 8 проценти.

Според проекциите на Народната банка за 2018 година се очекува раст на вкупните депозити од 10,2 проценти, а за 2019 година се очекува дека ќе изнесуваат 7,7 проценти што е поголемо од претходната проекција од 6,5 отсто.

Во наредниот период заклучно со 2021 година, при оцени за раст на економијата и натамошно зголемување на склоноста за штедење во банките, се очекува раст на депозитите во просек од 8,6 насто.

Сигурноста на заштедите во банките ја гарантира и Фондот за осигурување на депозити. Тоа е специјализирана државна финансиска институција која ги осигурува заштедите на граѓаните во банките и штедилниците, а во Македонија сите домашни банки се членки на Фондот. Формиран е со цел да ги обесштети граѓаните во случај да има ризичен настан.

Банките се задолжени да ги осигуруваат и денарските и девизните депозити, односно парите на штедните книшки, како и каматата, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица. Се осигуруваат заштедите на граѓаните како и на странците кои депонирале пари во банка во Македонија.

Се осигуруваат износи со 30 илјади евра во денарска противвредност. Гаранција дека Фондот секогаш ќе може да ги исплати осигурените заштеди на граѓаните се обезбедува преку Министерството за финансии, кое треба да ги обезбеди парите.

Во однос на финансиското работење на банките, пак, според податоците од Народната банка на Македонија, домашните банките годинава ги забележаа и највисоки приходи досега. Во првите девет месеци од 2018 година тие остварија добивка од 124 милиони евра, што е за 20 милиони евра повеќе од добивката која ја прикажаа во претходната година.

Прудентните мерки на НБРМ за да се обезбеди стабилност на финансискиот систем, а со тоа и на работењето на деловните банки, континуирано се унапредуваат.

Во последната оценка од ММФ и Светската банка во Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (FSAP)се констатира дека банкарската супервизија и прописите кои ја одржуваат стабилноста на банкарскиот систем значително се подобрија во текот на изминатата деценија. Како и дека продолжуваат да се подобруваат.

Со тоа 2019 година ја дочекуваме со банки подготвени да излезат во пресрет на очекувањата и потребите на потрошувачите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата обезбеди дополнителни количини електрична и топлинска енергија од ТЕ-ТО Скопје

Редакција

Пат до Берлин со дваесетина билети за едно возење на ЈСП

Редакција

Цената на становите ќе има благ пад

Редакција