Не стивнуваат реакциите во јавноста и на социјалните мрежи откако Македонија поради францускиот претседател Емануел Макрон не доби датум за преговори со Европската Унија (ЕУ). Ситуацијата дополнително ја вжешти францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој разбирливо застана на странатата на неговиот претседател, и ни ни најде еден куп мани, кои пред извесно време не беа проблем.
Да, нема правда за Македонија, која исполни се што се бараше од неа за да ги стартува преговорите, и името дури си го смени, да на Макрон и на Тимоние им се може и да имаме право да им се лутиме, но уште повеќе треба да им се лутиме на нашите политичари кои не доведоа до оваа дериџе. Не само на актуелните, туку на сите.
И по неколку децении откако оваа земја е независна никој од нашите полтичари прво и основно не ни понуди план Б, алтернатива… Еве Србија нема проблем. Веќе четири години си води преговори со ЕУ, си работи со Русија, кокетира со Кина, потпиша договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија…
Второ, кој им бранеше на нашите политичари изминативе децении да не направат Швајцарија на Балканот? Никој. До сега ќе бевме дел од ЕУ. Македонија е прекрасна мала земја со бројни природни ресурси и која нема жители колку предградие на пр. на Париз. Полесно неможе да биде.
Ама на нашите политичари поважно им беше да крадат нашите пари, да ги злоупотребуваат нашите ресурси, да не лажат, да си играат со нашите животи… И кажи речи никој не одговараше за тоа, а Бог да чува да заврши во затвор.
Ви текнува дека на времето бевме во ист пакет со Хрватска, која денес е членка на ЕУ, а наскоро ќе стане дел и од Шенген? Е сега сме во пакет со Албанија. И никој не ни е крив за тоа. Сами се ставивме во него.
Трето, не ги научивме лекциите од сите досегашни неправди кои и беа направени на Македонија. Па сега изиграваме Калимеро, за кој знаеме дека на крајот нема да има правда. Џабе ни е што сите го осудуваат Макрон. Тоа нема ништо да ни смени.
Има уште многу причини, зошто треба да им се лутиме на нашите политичари. Престојните предвремени парламентарни избори се вистинска можност да ја покажеме нашата лутина.