Собранието вечерва го заврши претресот по предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Гласањето ќе биде дополнително закажано.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски најави дека 104-тата седница ќе продолжи во 20:30 часот со расправа за разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи за која се пријавени 39 пратеници.
Попладневниот дел од денешното продолжение на седницата помина во дебати и обвинувања за хакерскиот напад врз Фондот за здравство и врз другите државни институции наместо да се расправа за разрешувањето на министерот Алити.
Како што посочија пратениците од опозицијата има две можности зошто се прават хакерските напади – или хакерите разбрале дека од власта воопшто не знаат да го заштитат системот и им бараат пари за да им ги вратат податоците или власта намерно ги брише базите на податоци со нејзините криминали.
Во реплики, пак, пратениците од владејачкото мнозинство посочија дека ВМРО-ДПМНЕ постојано блокира и потсетија се што правеле кога биле на власт.
Расправата за разрешување на министерот Алити почна во петокот, откако во четвртокот вечерта заврши дебатата за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали.
МИА