еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Зеленски на обраќањето на Самитот во Брисел: После 1 месец војна, Ве молам никогаш да не ни кажете дека нашата војска не ги исполнува НАТО-стандардите, сите ве браниме

Украинскиот претседател Володомир Зеленски во денешното обраќање преку видео-линк на НАТО Самитот во Брисел ја обвини Русија дека при инвазијата на неговата земја употребила фосфорни бомби.

– Повторно, деца умираат, луѓе умираат, изјави тој пред лидерите на шефовите на држави или влади од земјите-членки на НАТО.

Тој не приложи никаков доказ за тврдењето дека Русија употребила фосфорни бомби, ниту кажа каде се случил нападот.

Зеленски вели дека од самиот почеток барал воздушна поддршка „за да помогне во заштитата на нашето небо“, бидејќи Украина нема моќна противвоздушна одбрана, пренесува Би-Би-Си.

Тој тврди дека Русија користи оружје за масовно уништување и дека последиците јасно се гледаат.

– Ние сме под нееднакви услови повеќе од еден месец, рече тој, повторно барајќи воена поддршка без ограничување со цел да се спасат народот и градовите во Украина.

Зеленски изјави дека Русија го користи целиот свој арсенал без ограничувања – таргетирајќи станбени квартови, болници и мостови.

Досега Украина не добила ниту еден авион, потенцираше Зеленски. Тој, исто така, вели дека апелирал за тенкови – „дајте ни ги, продадете ни ги“ – но допрва треба да добие јасен одговор за нив од членките на НАТО.

– Украина не сака да војува со години. Ние едноставно сакаме да преживееме, да го спасиме нашиот народ, додаде Зеленски.

Но, тој појаснува дека не го обвинува НАТО. Не се нивните проектили кои уништуваат градови, додава украинскиот претседател. Алијансата сепак може да помогне да се избегнат понатамошни смртни случаи со тоа што ќе и обезбеди повеќе муниција на Украина, вели Зеленски.

– Се работи за живот или смрт, вели тој.

Зеленски истакна дека чувствува дека неговата земја е фатена во „некоја сива зона меѓу Западот и Русија“, бидејќи сè уште не е дел од Алијансата, но „ги брани нашите заеднички вредности“.

– Изминатиот месец беше месец на „херојска одбрана“ и „ужасен мрачен месец на уништување“, кажа тој.

Тој вели дека Украина се држи храбро, но по цена на „илјадници животи, уништени градови и речиси 10 милиони преселени лица“.

Претседателот Зеленски, исто така, ги праша членките на Алијансата дали се уверени дека членот 5 од Северноатлантскиот договор ќе функционира доколку Русија го нападне НАТО. Членот 5 од Северноатлантскиот договор вели дека нападот врз земја членка на НАТО е напад врз цело НАТО.

И тој ја повика Алијансата да не и кажува на Украина дека нејзината војска не ги исполнува стандардите на НАТО.

– Единственото нешто што го барам од вас по ваков месец војна, ве молам, никогаш не ни кажувајте дека нашата армија не ги исполнува стандардите на НАТО.

Обединети сме во осудувањето на неиспровоцираната агресија на Кремљ и во нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во воведниот говор на денешниот самит на НАТО.

Тој нагласи дека вонредниот самит на НАТО се одржува во критично време за безбедноста.

– Оддаваме почит на големата храброст на украинскиот народ и на украинските вооружени сили кои се борат за својата слобода и своите права. Ги препознаваме и оние во Русија кои храбро зборуваат против војната. Ги слушаме нивните гласови. Тие се важни, нагласи Столтенберг и додаде дека ќе продолжат да се воведуваат санкции против Русија „за да се стави крај на оваа брутална војна“.

Тој информира дека на самитот на Алијансата ќе се разговара за поддршката на сојузниците за Украина, напорите на НАТО да ја зајакне одбраната сега и во годините што доаѓаат.

– Веќе правиме повеќе. На копно. На море. И во воздух. Тоа е неопходно за да се одговори на новата безбедносна реалност во Европа, нагласи генералниот секретар на НАТО.

Вонредниот самит на Северноатлантската алијанса потоа продолжи зад затворени врати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Чернихив објави видео: Гробишта се полни, ги чуваме мртвите во мртовечници и ладилници

Видео од улиците на украинскиот град Мариупол го покажува ужасот на војната

МИА/Фото: Фејсбук/Зеленски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1 ноември ќе има топлинска енергија, ЕСМ склучи договор за набавка на гас

Редакција

Македонската ИТ компанија „Адева“ во топ 50 најбрзорастечки компании во Северна Америка

Редакција

Трамп ги користел разузнавачките служби за шпионирање пратеници и нивните семејства

Редакција