еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Значењето на Бадник: Првите гласници на празникот се децата коледари, известувачи за Божиќ

Бадник е денот пред Божик. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на Христовото раѓање.

Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик.

Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.

За добрата вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.

Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е бадничкото семејно празнување. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.

Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на трпезата. Како в црква евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.

И сето тоа со пости, за душа да се гости.

На Бадник завршуваат божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.

Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.

Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.

И бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но, сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.

Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!
Бадник е роденденската ноќ на Спасителот.

Христос се роди! – Вистина се роди!

МИА/Фото: emagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Три лица осомничени за упадот во М-НАВ се сè уште во бегство

Редакција

Османи вели дека со Чернева, за која има истрага за оддавање државни тајни на Македонија, се воделе најтешките преговори

Редакција

580 нови случаи на Ковид-19 од 2.431 тестирања, во Скопје 254

Редакција