еМагазин
Image default
Македонија

Зоран Златковски: Не сум “фризер”, туку наставник, обучувач и консултант

Реакција на Зоран Златковски на текстот на А1он, кој го пренесе и еМагазин:

“Почитувани,

Во текот на вчерашниот ден, од страна на “новинарот”  Кристијан Ландов од А1он, објавена е сторија, од сензационалистички тип, затскриена зад терминот истржувачко новинарство, а базирана на непроверени информации и погрешно толкувани факти.

Дополнително, многу медиуми без никаква проверка на фатичката состојба, само ја превзедоа и пренесоа информацијата.

За да се добие целосната слика за “фризерницата” како што ја нарекуваат ВЕЗ трејд, и средствата кои и се доделени за проекти од програмата Еразмус+, мора да се имаат во вид неколку факти.

Зоран Златковски, не е “фризер”, туку наставник, обучувач, консултант, кој работи во на полето на образованието во последните 25 години како професор по стручни предмети и координатор на бројни проекти од ФАРЕ, ИПА и Еразмус прогрмите од 1998 г. па се до денес.

Фирмата ВЕЗ, веќе неколку години активно работи во полето на образованието и има сериозно портфолио на успешни проекти:

Medi@Digi – PLUSTICA – Едукација за медиумска писменост во дигитално опкружување – ПЛУСТИКА, Еразмус+ програма, Клучна акција 201 – 2020 г.

EntreSTORM – Младите почнуваат претприемачки предизвици, Еразмус+ програма, Клучна акција 202 – 2020 г.

Entre SHALLANGER – Претприемачки предизвик, Еразмус програма, Клучна акција 102 – 2020 г.

FlexJOB – Платформа за барање работа, Еразмус+ програма, Клучна акција 204 – 2020 г.

CREATOR – Дизајн на претприемачко размислување, Еразмус+ програма, Клучна акција 102 – 2019 г.

MediaDigi – Медиумска писменост во дигитално опкружување, Еразмус+ порграма, Клучна акција 201 – 2018 г.

VEYoW – Валицација на младинска претприемачка работа, Еразмус+ програма, Клучна акција 102 – 2018 г.

Без оглед на владеачката гарнитура во државата и раководните позиции во Националната агенција Зоран Златковски, во континуитет аплицирал и добивал Еразмус проекти и преку училиштето во кое работи и со својата компанија и на сите бил главен координатор. Податоците за ова можете да ги добиете од Националната Агенција.

Тоа е важен доказ дека напредокот се базира на квалитет и професионална посветеност, а не на политичка пристрасност, непотизам или корупција.

Никогаш ниту некој ми се обратил, ниту некому јас сум му се обратил да ми помогне да ми одобри Еразмус проект. Тоа значи дека никому ништо не му должам ниту некој нешто ми должи.

А, илјадниците евра кои вртоглаво се вратат по медиумите, се наменети за активности, НЕ за “фризерницата”. Тоа се средства воглавно мобилности на ученици и трошоците поврзани со таквите мобилности во неколку европски држави, за период од неколку години.

Преку горенаведените проекти сум овозможил обуки на десетици ученици и наставници на полето на стручно образование во земјите од ЕУ, сум организирал учество на ученици на голем број меѓународни натпревари, ученици кои биле вклучени во проектите на кои сум бил координатор освојувале меѓународни награди.

Преку Еразмус проектите сум остварил средби со двајца последователни министри за образование на Австрија во нивните кабинети (што е единствен пример за соработка во досегашната Еразмус практика) во Македонија.

Сум воспоставил соработка со неколку универзитети, државни институции и образовни провајдери од земји од ЕУ, сум организирал и сум учествувал на неколку Еразмус конференции, сум организирал обуки на ученици од партнерските земји во Македонија, сум учествувал во изработка на серија анализи, прирачници, курикулуми, документи со препораки итн. Постигнувања во кариерата што се моја посебна гордост.

Овие се мал дел од постигнувањата, кои се лесно проверливи и видливи:

Учество на конференција на чинители во програмата Еразмус+ „Co-creating Erasmus the European solidarity corps“, 2020 г. Брисел, Белгија.

Говорник на контакт форумот во рамките на Еразмус Youth@Work мрежата, 2019 г., Бирмингем, Англија.

Говорник на ЕКВЕТ конференција организирана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „Европски кредит систем во стручно образование и обука – Можности и перспективи“,.2019 г. Битола. С. Македонија.

Говорник на завршната конференција на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност 2019 г.

Учество на годишна ЕКВЕТ конференција „Користење на ЕКВЕТ за долгорочна мобилност“, 2018 г., Софија, Бугарија. 6. Предавач на работилница, организирана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „ЕКВЕТ и пишување резултати од учење“, 2018 г. Скопје, С. Македонија.

Еразмус придонесе и ме поттикна во последниве 10 г. да издадам 7 учебници како коавтор за средно стручно образование, кои сеуште се користат од страна на учениците и наставниците низ Македонија. Тие се објавувани на сајтот на МОН.

Основи на бизнисот за прва година – (економско правна и трговска струка)

Основи на бизнисот за втора година – (економско правна и трговска струка)

Бизнис за трета година – (за сите струки)

бизнис за четврта година – (за сите струки)

Бизнис и претприемништво- (за гимназиско образование)

Иновации и претприемништво – (за гимназиско образование)

Бизнис – Прирачник за матуранти

Овие информации исто така се лесно достапни во МОН. Бидете сигурни дека еден ниеден “фризер” , како што има обид да бидам претставен, не напишал седум учебници од кои што учат генерации на ученици.

Линк за еден од учебниците: https://www.eucebnici.mon.gov.mk/pdf/Biznis_izboren_III%20i%20IV_MK_PRINT.pdf

Благодарение на напорот на директорката на НАЕОПМ Лидија Димова и во соработка со МОН, кои што во мене го препознаа потенцијалот што можам да го пренесам на моите колеги наставници, минатата година во текот на два месеца обучивме 400 наставници од цела Македонија што даде резултат во 2020 г да се зголеми бројот на апликации за 40% што е рекорд од кога постои Националната Агенција.

Дополнителна инсинуација е информацијата, која дел од медиумите ја пренесоа како факт, дека имаме долгогодишни и пријателски релации со директорката на НАЕОПМ, која за воља на вистината, за прв пат ја запознав преку професионалнен ангажман пред околу една година.

Јас аплицирав во подеднакви услови како и сите апликанти, а како бил спроведен процесот на селекција беше може да се провери во документацијата во НА. Знам само дека постојат четири филтри на оценување и тоа проверка на квалификуваност, оценка од надворешни евалуатори (најчесто двајца на една апликација), Евалуациона комисија составена од претставници од различни јавни институции кои се занимаваат со образование и директор на НА. Невозможно е еден апликант ако нема квалитетна апликација да ги изигра сите филтри на проверка.

Уште една инсинуација и тенденција да се направи скандалозна приказна е објавата дека сум обучувал евалуатори. Со ни еден од нив никогаш не сум бил во контакт, нити го познавам нивниот идентитет.  Но скандалозно е како еден новинар ги има контактите на триесетина евалуатори, го познава нивниот идентитет и е во можност да комуницира со нив.

Оваа 2020 и за мене беше изненадување, што апликациите на ВЕЗ беа оценети со високи добитни оценки. Претпоставувам дека ова е резултат на моето долгогодишно искуство во подготовка на проекти и познавање на Project Cycle Management за кој сум обучен.

Дел овие постигнувања се достапни и можат да се видат на веб страницата на фирмата, која е транспарентна и е достапна за секого www.vez.mk, но за жал ни еден новинар не се осврна на тој дел од приказната.

Сакам повторно да Ви укажам дека право на учество во Еразмус програмата имаат сите ентитети во партнерските земји на ЕУ и програмските земји меѓу кои е и Македонија, кои имаат регуларно регистрирани дејности кај националните надлежни институции чии проекти се во полето на образование, односно кои работат во полето на образованието.

Преку аплицирање и спроведување на Еразмус проекти фирмата ВЕЗ работи во полето на образованието. И тоа е неспорен факт кој не дозволува со потценувачки и омаловажувачки пристап да се објавува како “Фризерница добила 270.000 евра грантови”.

Прво, не добила фризерницата, туку добила фирмата ВЕЗ трејд која има поширока дејност од само “фризерница” и второ, зарем “фризерниците” не се бизниси за почит? Зарем ако е “фризерница” не смее да учествува и аплицира во образовни проекти?

Исто за воља на вистината треба да се има во предвид фатот, дека оваа “фризерница” е дел од неколку национални и меѓународни мрежи и иницијативи, како Нациналната мрежа за медиумска писменост и Youth@Work мрежата.

Според Еразмус правилата мојата фирма е целосно квалификувана да учествува во процесот на аплицирање и имплементирање на образовни проекти. Фирмата покрај дејноста фризерски салони и салони за убавина извршува и други дејности, као што е дејноста образавание. На тој начин јавноста се доведува во заблуда и нанесена ми е непроценлива штета на мене како поединец професионалец и на угледот на фирмата ВЕЗ трејд, алудирајќи на неправилности и корупција.

Со ваквите квази приказни и непроверени информации само им се наштетува на македонските образовни институции и корисниците на Еразмус програмата, но и на поединци како мене, бидејќи се создава погрешна слика за божемна корупција и финансиски малверзации. Сето тоа може на сите кои сакаат да работат во полето на македонското образование да им ја намали вербата во системот, обесхрабрувајќи ги да се вклучуват во Еразмус програмата.

Се надевам дека сега сликата е малку појасна“.

Фото: А1он

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Радио Кавадарци нема да пушта песни од Тамара Тодевска

Редакција

Убава вест: Оздравени 556 болни од Ковид-19

Редакција

Пописот завршува денеска: Досега попишани 1.813.153 лица во земјава и 203.144 од дијаспората

Редакција