еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Зошто Водици уште се нарекува и Празник на Светлините

Во словото на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на сеноќното бдение на Водокрст, се разјаснува зошто Водици уште се нарекува и Празник на Светлините.

Како што за Божиќ велиме Христос се роди, за Велигден Христос воскресе, за Богојавление си посакуваме Добро просветление.

Неговата проповед Ви ја пренесуваме во целост:

„Да Му благодариме, мили мои, на семилостивиот наш Бог, што и оваа година, во навечерието на големиот празник Богојавление, нè удостои да го наѕрeме со духовните очи Неговото величие и неизречива убавина. Освен ова големо и откровенско име, празникот на Божјото јавување во светот и на човекот се нарекува уште и: Крштение на Спасителот наш Господ Исус Христос, Просвештение, Водици, Празник на Светлините.

Да се задржиме на неговото сесветло име, Просветление и празник на Светлините. Една од јазичните дефиниции за Бога е дека Он е светлина. Всушност, Самиот Он се нарекува Себеси така: Јас сум Светлината на светот (Јован 8,12). Сè што се однесува на Бог Света Троица е светлина. И најголемото просветление воопшто што човечкиот ум може да го достигне, е тогаш кога ќе стекне Богопознание.

Вековен стремеж на човекот е да знае за Творецот, за Апсолутот, за Оној Кој го сотворил и украсил овој чудесен космос, за првопричината на светот и на своето лично суштествување. Денешниот празник, денешното величествено собитие што ги надминува границите на човековото поимање, ни го открива Причинителот на сето создадено, видливо и невидливо, ни го открива Творецот, ни Го покажува Божеството, пројавено во три рамночесни и рамносилни и рамнославни Лица, Отецот, Синот и Светиот Дух. На овој празник, на реката Јордан, се открива Самиот Бог.

Пред очите на последниот пророк од Стариот и зачетникот на Новиот Завет, Свети Јован Претеча и Крстител, како и на народот притекнат во покајание на реката Јордан, се случува крштението на Синот и Словото Божјо и откровението на трите Лица на Троичниот Бог. Се одвива големата тајна на Троичното Божјо јавување. Господ Исус Христос, Богочовекот и Просветителот, е крштаван од Својот слуга; Бог Отецот громогласно проговара од Небесата дека Он е Неговиот возљубен Син, врз Кого е Неговата волја; Бог Светиот Дух се јавува и слегува врз главата на Синот во вид на гулаб. Троично откровение!

Спасителот Христос, пак, дозволи да биде крстен на реката Јордан, без да има потреба од тоа. Но, украсен со крајно смирение, Он го исполни Законот во послушание и ни го покажа патот кон очистувањето и посиновението. Ни покажа дека треба да го потопиме егото, гревот и страстите. Да го потопиме стариот, гревен човек и да излеземе очистени, облечени во новиот, духовен човек.

Синот Божји се крсти за да го пресоздаде човекот. За од стариот човек по Адама, кој се распаѓа во лажни похоти, да сотвори нов, според Своето подобие. Затоа и апостол Павле вели дека треба да го отфрлиме од себе стариот човек според нашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновиме со духот на својот ум и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,22-23).

Тоа значи дека ако човек се насочи со своите сетила само кон земното, ако не копнее и не се труди по ништо возвишено, ако не чувствува жед да се соедини со својот Создател, тогаш тој се распаѓа во душевна смисла и со секој ден сè повеќе се придвижува кон духовната смрт, од која му нема избавување. Додека, пак, доколку зачекориме по патеките Христови, ние ќе се управиме кон вечноста и нераспадливоста.

Токму таа е и симболиката на чинот на крштавањето. Сите ние кои сме крстени, треба да бидеме погребани за овој свет. Затоа на крштението свештеникот нè потопува три пати во водата, во знак на тридневното погребение на Спасителот и ја изговара Троичната формула: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“.

Голема симболика!

Христијанинот, всушност, се ветува дека ќе умре за стариот човек по Адама и ќе почне да живее во новиот свет кој го создаде Христос, со Своето раѓање, со крштението, со Својата смрт на Крстот, и накрај – со Своето Воскресение. Со Својот животен пример Он го повика човекот кон нов, обновен живот: Ете, сè ново создавам (Откр. 21,5).

Господ Христос му го покажа на човекот патот кон спасението, кој се состои од тоа да го земеш својот крст и да Го последуваш Него. Нема сомнеж во тоа дека овој живот се состои и од многубројни искушенија, испитанија и страданија. Но Синот Човечки ни даде пример како треба да се движиме низ житејските перипетии во светот, во кој сме само придојденци и патници кон Божјото Царство.

Деновиве прочитав една силна мисла од еден световен писател и мислител, која се однесува на распадливоста и на смртта: „Не ме загрижува смртта, ме загрижува распадливоста, таа го понижува човека. Неа треба да ја победам“. Гледајте како размислувал еден световен човек, кој дошол до сознанието дека ние во суштина треба секојдневно да го стекнуваме Царството Небесно, односно вечниот живот.

Како да сака да каже дека доколку јас секојдневно се трудам да ја победувам распадливоста, односно доколку се подвизувам да се издигнам над сè што е во овој свет, и своите мисли, желби и устреми ги упатам кон Својот Создател, тогаш за мене не ќе има смрт, не ќе има распадливост. И спротивно, доколку заглавуваме постојано во сопственото его, во страстите и похотите, ние стрмоглаво се подаваме кон тлението на нашиот внатрешен човек.

Во секој случај, ние треба да умреме. Но за што? Треба да умрам за овој свет. За неговите лажни похоти и стихии. Тоа, се разбира, не значи да имаме негаторски и нездравомислен однос кон светот, туку нештата од него правилно да ги перципираме и да ги ползуваме, онака како што Бог сака.

Чувме како денес Свети Јован го почуваше народот на реката Јордан: Кој има две облеки, нека ги подели со оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото… Не барајте повеќе отколку што ви е одредено… Врз никого не извршувајте насилство, никого не клеветете… (Лука 3,11-14) Претечата нè повикува да се раздаваме себеси во жртва за другите, да ги љубиме другите, и тоа да го правиме со просветление и со мудрост, како што советува и Христос: Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби (Матеј 10,16).

Па така, мили мои монаси и монахињи, браќа и сестри, ние, покрај тоа што еднаш сме крстени како и сите Христијани, уште еднаш примивме крштение во храмот, легнувајќи крстовидно и ветувајќи дека ќе живееме живот на доброволно лишување и на духовно восходење.

Затоа, добро е во пресрет на големиот празник да размислуваме што ние, и Христијаните и монасите, правиме за да ја победуваме распадливоста. Колку сме свесни дека сме само патници, кои краткотрајно минуваат во овој свет? Дали нашиот ум е вперен во Христа, или пак, потонат во суетата на животот?

Човекот ја имаа таа привилегија да постане едно со Бога, да биде бог по благодат. Од сето создание, од целата вселена, единствено човекот е создаден според образот и подобието Божјо. И Бог заради човекот слезе и Самиот стана Човек, проживеа во најголемо смирение со нас и пострада за нас.

Затоа, да Го прегнеме Него, сега кога го гледаме Небото отворено и ја созерцуваме Светата Троица со нашите духовни очи. Да ги оставиме земските грижи и желбите кон световното и да ги отвориме своите срца за Него, та да Го гледаме непречено во своите срца.

Добро просветление на сите!“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од Бигорски манастир со љубов и молитва возвратија на нападите кон монашкото братство и сестринство

фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Милијарда денари од буџетот ќе бидат исплатени за К-15 на работниците, чиј што работодавач е Владата

Редакција

Неврологот Марија Бабуновска е меѓу финалистите на 10. Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

Редакција

Кои се следните чекори, доколку Заев поднесе оставка до Собранието или на Владата ѝ се изгласа недоверба

Редакција