За Македонија нема план Б на нејзиниот европски пат, и таа треба да се држи до план А. Оваа денеска во Скопје на заедничка прес конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски го кажа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој беше во кратка посета на земјата.
Планот А, како што е познато, значи Македонија да ги спроведе обврските од преговарачката рамка од 2022 година, која ги наметна Бугарија, а сега се европски, а не бугарски услов, откако претходната македонска Влада ги прифати.
– Не треба да се потценува планот А и треба да се фокусираме на неговто остварување, знаеме што беше договорено во 2022 и тоа мора да се реализира. Разбирам што зборува премиерот дека го сменивте знамето, веќе еднаш уставот и сега ви треба гаранција дека веќе нема да има нови барања. Не, не, е потребен план Б, само треба да го реализираме планот А, рече Кошта.
За разлика од Македонија, Европската Унија (ЕУ) веќе има план Б за Украина, доколку таа биде блокирана од Унгарија, откри неодамна високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Кошта, повтори и дека треба да се продолжи со реформите, зацврстувањето на владеењето на правото и битката со корупцијата.
Мицкоски пак повтори дека актуелната Влада останува на својот став дека нема да има уставни измени, додека Македонија не добие јасни гаранции за европскиот пат и Бугарија не си ги спроведе своите обврски и не поставува нови услови, посочувајќи меѓудругото дека процесот е двонасочна улица.
– Никој нема проблем во земјава да ги ставиме Хрватите, Словенците, во Уставот, па дури и Португалците и Шпанците. Ние немаме пролем со луѓето. Но, во овој случај имаме проблем, ако едната страна постојано прави отстапки, а другата не, не може да се оди напред.
Очекуваме ова да е двонасочна улица, ние нправивме многу отстапки, за сите патот е тежок, но за нас е најтежок. Оваа порака ја слушаме долго време и ќе продолжиме да ја слушаме, го имаме истиот став.
Никогаш нема да го прифатам тоа што го потпиша претходната влада. Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде сменет, а Бугарија да не ги имплементира пресудите на Европскиот суд.
Кога ќе имаме чиста позиција од ЕУ и од сите членки во врска со идентитетот и јазикот тогаш ќе разговараме за се. Дали некој се прашува зошто Македонците не се бунат за Хрватите и Словенците да влзат во Уставот. Имаат проблем само со внесувањето на Бугарите, рече меѓудругото Мицкоски.
Фото: Игор Бансколиев