Почна да функционира мерката “слободен пристап до пазарот на трудот“ за Македонија, Србија и Албанија во рамки на инцијативата Отворен Балкан.
Заинтересираните граѓани најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави.
Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена.
Откако заинтересираните граѓани ќе се најават на uslugi.gov.mk и ќе поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија (euprava.gov.rs) или во Албанија (e-albania.al).
Постапката е целосно и детално опишана на следниве линкови: uslugi.gov.mk и av.gov.mk.
Oдговорни институции за спроведување на мерката во Македонија се Министерството за информатичко општество и администрација преку порталот uslugi.gov.mk во делот на издавање Идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и центрите на Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Македонија.