Александра Костовска e раководител на оддел Мерење на мрежа во Електродистрибуција ДООЕЛ. Нејзините почетоци во ЕВН Македонија се од 2011 година како студент во прва година на факултетот за Електротехника и информациски технологии на насоката Електроенергетски системи.
Во 2014 година започнала да работи на нејзината прва работна позиција во компанијата како асистент во оддел КЕЦ Оператива. За време на нејзиното работење во одделот продолжила и со академско надоградување и во 2017 година ги завршила магистерските студии на факултетот за Електротехника и информациски технологии на насоката Регулатива во енергетика, електронски комуникации и сообраќај.
Во одделот КЕЦ Оператива работела пет години по што ја прифатила понудата за работна позиција раководител на група Документирање на мрежа во оддел Мрежен Инженеринг.
Но нејзиното најголемо признание за професионално и лично надоградување и претходното работно искуство во компанијата се случило во 2024 година кога ја прифатила понудената работна позиција Раководител на оддел Мерење на мрежа.
Според нејзе, ова било јасен показател дека во компанијата им се нуди простор на жените да работат на одлучувачки позиции, а тоа не случува перформативно туку заслужено и градуирачки како резултат на претходно докажани резултати.
Во насока на подобрување на нејзините вештини во секојдневната работа, била и посетата на обуката во рамките на партнерството за развој на кадри склучено помеѓу М6 Едукативниот центар и Владата на Швајцарија.
Оваа активност е ко-финансирана од М6 Едукативниот центар и Владата на Швајцарија преку швајцарскиот проект „Образование за вработување“ – Е4Е@MK спроведуван од Хелветас.
„Обуката во рамките на проектот „Образование за вработување“ (Е4Е@мк) преку партнерството со М6 Едукативниот центар беше од голема важност за мојот професионален развој. Обуката за дигитална трансформација ми овозможи да ги усовршам моите вештини и да се запознаам со најновите дигитални алатки и технологии, кои се неопходни за зголемување на ефикасноста и конкурентноста во денешниот брзо растечки дигитален свет. Дополнително, обуката ми помогна да ги подобрам своите способности за управување со ресурси и податоци, што е клучно за успешното водење на секоја организација,“ вели меѓудругото Костовска, во интервју за еМагазин.мк
Вашите почетоци во ЕВН Македонија се од 2011 година, кога бевте студент во прва година на факултетот за Електротехника и информациски технологии на насоката Електроенергетски системи, може ли да ни раскажете за тој период, за можностите за работа кои компанијата ви ги понуди тогаш?
-Тогаш како студент на енергетските насоки, со највисок просек во прв семестар, се стекнав со стипендија од ЕВН Македонија која беше првата компанија во државата која започна со стипендирање на студенти на енергетски насоки на факултетот. Бев навистина среќна и мотивирана бидејќи самата програма за стипендирање вклучуваше и практична работа за време на студирањето, односно веќе во прва година можев моето теоретско знаење да го надоградувам со практична работа во една од најголемите енергетски компании во државата.
Непосредно пред дипломирањето во 2014 година од страна на HR oдделот, а како стипендист на компанијата, ми беше понудено да учествувам во процес на селекција и интервјуа за работна позиција во оддел КЕЦ Оператива.
Предлогот го прифатив, по интервјуата и тестирањата бев избран кандидат, со што во 2014 година започнав да работам на мојата прва работна позиција во компанијата како асистент во оддел КЕЦ Оператива. Паралелно моите додипломски студии ги завршив во јули истата година. Оваа работна позиција вклучуваше многу динамика и огромна можност за учење и стекнување искуство бидејќи тимот беше составен од четворица искусни колеги, професионалци спремни да го споделат своето знаење и несебична поддршка што беше најголемата предност за мене како ново вработена во тој период.
Во 2014 година започнавте да работите на првата работна позиција во компанијата како асистент во оддел КЕЦ Оператива, а 10 години подоцна сте на позиција Раководител на оддел Мерење на мрежа, на што се должи ова унапредување?
– Сметам дека ова унапредување се должи на повеќе работи. Клучни беа мојот личен труд, посветена работа, стекнати вештини и инвестирањето во себе, како и дадените можности од компанијата за напредок како обуки и вклученост во голем број на проекти и работни задачи.
Мојата прва работна позиција вклучуваше учество и водење на проекти и работни групи, организација и координација на активности и унапредување на процеси кои вклучуваа многу колеги од различни оддели и 19 кориснички енергетски центри низ државата, а со тоа и огромна можност за развој на моите организациски и лидерски вештини.
Исто така продолжив со академско надоградување и во 2017 година ги завршив магистерските студии на факултетот за Електротехника и информациски технологии на насоката Регулатива во енергетика, електронски комуникации и сообраќај.
Во одделот КЕЦ Оператива работев пет години по што ја прифатив понудата за работна позиција раководител на група Документирање на мрежа во оддел Мрежен Инженеринг. Ова беше нов предизвик за мене и од оваа перспектива одлично искористена можност за да стекнам поголемо искуство и познавање на топологијата на електродистрибутивната мрежа и надополнување на моите технички знаења и познавањата на техничките софтвери кои се користат насекаде во светот.
Дополнително бев одговорна за воспоставување на централен тим во рамки на групата кој организирано треба да ги унапредува процесите за документирање на мрежата со користење на техничките софтвери и изработка на техничка аналитика. Дополнителен предизвик на оваа работна позиција беше раководењето и организацијата на вработени кои работат дисперзирано низ државата, а за потреби на групата.
Несомнено, унапредувањето се случило како резултат на новите стекнати вештини, инвестирањето во себе, но колку е важно и компаниите да работат во таа насока, односно да работат на доквалификација на жените?
– Сметам дека поддршката од компанијата поточно од непосредните раководители и менаџментот е пресудната работа за успех на било кој вработен, не само за жените. Компаниите играат огромна улога во создавањето на еднакви можности за сите, преку инвестиции во обуки, менторство, програми за доквалификација, можност за учество во проекти и работни групи, а надополнето со постојан фидбек кој е од исклучителна важност.
Ова не само што ја подобрува компетенцијата на жените, туку истовремено создава култура на инклузивност и различност во организацијата. Во крајна линија, ако компаниите ги поддржуваат жените во нивниот професионален развој, тоа не само што придонесува за нивниот напредок, туку и за општото зголемување на ефикасноста и иновацијата во самата компанија.
Жените, како и сите вработени, заслужуваат шанса да ги развиваат своите способности, да ги покажат своите компетенции и да напредуваат на своите работни места, а тоа е од корист не само за нив, туку и за компанијата како целина.
Дали сметате дека тоа што компаниите вложуваат во доквалификација на жените, директно влијае и врз иднината на компанијата, врз нејзиниот развој?
– Кога компанијата вложува во доквалификација на своите вработени без оглед на полот, се создава поинклузивна и поразновидна работна сила, што е клучно за иновации и одржлив напредок. Разнообразноста на тимовите доведува до различни перспективи и нови идеи, што ја зајакнува креативноста и решавачкиот капацитет на компанијата.
Жените, како и сите вработени, треба да имаат пристап до можности за професионален развој, а тоа секако резултира со зголемена мотивација, продуктивност и посветеност на работните задачи. Компаниите кои активно инвестираат во развојот на жените, сметам дека градат посилни тимови и се поподготвени да се соочат со идните предизвици. Со тоа се создава работна средина во која сите вработени можат да достигнат свој максимум.
Какво е вашето искуство од обуката во рамките на проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување“ – Е4Е@мк преку партнерство со М6 Едукативниот центар?
– Обуката во рамките на проектот „Образование за вработување“ (Е4Е@мк) преку партнерството со М6 Едукативниот центар беше од голема важност за мојот професионален развој. Обуката за дигитална трансформација ми овозможи да ги усовршам моите вештини и да се запознаам со најновите дигитални алатки и технологии, кои се неопходни за зголемување на ефикасноста и конкурентноста во денешниот брзо растечки дигитален свет. Дополнително, обуката ми помогна да ги подобрам своите способности за управување со ресурси и податоци, што е клучно за успешното водење на секоја организација.
Што е она што најповеќе Ви помогна од оваа обука за личен развој?
– Од оваа обука, најповеќе ми помогна разбирливото прилагодување на дигиталните технологии во секојдневната работа. Програмата ми овозможи да се запознаам со концепти како автоматизацијата на процеси, подобрена комуникација со клиентите преку дигитални канали, и користење на податоци за оптимизирање на одлуките. Со новите знаења за алатки како ERP и CRM системи, мојата ефикасност и продуктивност се значително зголемени. Особено корисни беа вештините кои се однесуваат на обработка на податоци и подобрување на безбедноста и заштитата на податоци, што ја зголемува мојата способност да управувам со чувствителни информации и да обезбедам безбедност на организацијата.
Колку ваквите програми се потребни за развојот на кадите во македонските компании, посебно за унапредување на позициите на жените?
Дигиталната трансформација нуди нови можности за усовршување и овозможува жените да стекнат нови вештини и да се издигнат на лидерски позиции. Со тоа што се овозможува пристап до дигитални алатки и нови знаења. проекти за доквалификација коишто се засновани на реалните потреби на компаниите се од голема корист. Овие програми се клучни за развојот на кадрите во македонските компании, особено кога станува збор за унапредување на позициите на жените. Образовните и професионалните тренинг-програми им овозможуваат на жените да стекнат нови вештини, да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на трудот и да напредуваат во своите кариери.
Проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување“, преку партнерство со М6 Едукативен Центар и 30 македонски компании, е одличен пример за иницијатива што директно влијае на ова поле. Овој проект не само што создава можности за младите и за професионалниот развој на вработените, туку и придонесува за намалување на јазот во родовата еднаквост на работното место.
Компаниите што се вклучени во вакви програми покажуваат дека се свесни за важноста на еднаквите можности, што долгорочно носи подобри резултати – и во продуктивноста, и во корпоративната култура. Покрај тоа, ваквите иницијативи ја поттикнуваат потребата за континуирано учење и адаптација кон современите бизнис-трендови, што е особено важно во динамичниот пазар како што е македонскиот. Покрај тоа, ваквите иницијативи ја поттикнуваат потребата за континуирано учење и адаптација кон современите бизнис-трендови, што е особено важно во динамичниот пазар како што е македонскиот.
Во македонските компаниите има простор за жените на одлучувачки позиции во кои заслужено го заземаат просторот којшто им припаѓа. Која е вашата порака во однос на мотивацијата на другите жени во компаниите, каде што има простор за развој?
– Мојата порака за жените е дека треба да веруваат во своите способности и да се стремат кон постигнување на своите цели, без оглед на предизвиците. Денес, многу македонски компании ја препознаваат важноста на инклузивноста и создаваат простор за жените да бидат на одлучувачки позиции, но важно е и самите жени да преземат проактивен пристап кон својата кариера. Тие треба да бидат упорни, да се образуваат, да стекнуваат нови вештини и да ја искористат секоја можност за личен раст. Исто така, важно е да имаат добри ментори и да се дел од мрежи кои ќе ги поддржат и инспирираат.
Во крајна линија, мојата порака е: никогаш не се плашете да се искачувате, да преземате одговорност и да се борите за своето место на лидерска позиција. При оваа борба останете свои и никогаш не го губете својот личен печат и вашата автентичност, потточно тоа што сте. Впрочем ова важи и за секој еден вработен без оглед на годините, полот и моменталната работна позиција.
Како го постигнувате балансот во приватниот и професионалниот живот, извршувајќи ја воедно и подеднакво важната улога на мајка?
– Балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, особено кога сте мајка, може да биде предизвик, но верувам дека најважно е да имате јасен план и да поставите приоритети. За мене, најважно беше да создадам структура која ми овозможува да ја исполнувам својата улога како мајка и професионалец. Во професионалниот живот, се трудам да бидам организирана, да поставам реални цели и да се фокусирам на продуктивноста за време на работното време.
Во приватниот живот, се трудам максимално да поминам квалитетно време со семејството. Поминатото време со моето семејство ми ги полни батериите и ми дава уште поголем мотив секој нареден ден. За ова најмногу допринесува максималната поддршка од мојот сопруг од кој имам комплетно разбирање и поддршка од секој аспект како и другите членови на потесното семејство. Таа поддршка и нивното разбирање ме прават да се чувствувам посилно и сигурно. Во крајна линија, верувам дека балансот не значи совршенство, туку способност да се прилагодам на променливите околности и да ги најдам најдобрите решенија за себе и за моето семејство.
За се ова особено допринесе и политиката на компанијата и можноста за користење на флексибилно работно време.
Дополнително, морам да напоменам дека поддршката од раководителот на одделот во тој период беше навистина важна да можам непрестано да ги надоградувам моите знаења и да го дадам мојот максимум во период кога ми се случи најубавата промена на личен план.
Колку е важно компанијата да нуди можност и за работење од дома, во одреден период од мајчинството на жените?
– Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје е компанија која овозможува флексибилно работно време и можност за работа од дома. Сметам дека компаниите треба да нудат флексибилни можности, особено во периодот на мајчинството. Овој период е значаен за мајките, бидејќи им овозможува да го балансираат своето време на начин кој е прилагоден на нивните потреби.
Работата од дома дава поголема флексибилност и помага да се намали стресот што може да настане од потребата за присуство во канцеларија, особено во првите месеци по завршување на породилното отсуство и доенечкиот период. Ова не само што им дава можност на мајките да бидат поефикасни и продуктивни, туку и создава работна средина која ги поддржува нивните семејни обврски, што има позитивен ефект врз мотивацијата и ангажманот на вработените.
Во исто време, овој тип на флексибилност помага компанијата да ја задржи својата талентирана работна сила, без да се наруши нивната професионална кариера или развој. Компаниите кои нудат вакви можности покажуваат грижа и разбирање за своите вработени, што ја подобрува корпоративната култура и ја зголемува лојалноста на вработените.