Денеска, движењето за независно живеење загуби еден од своите пионери, Звонко Шаврески, информираат од движењето против хендикеп, Полио плус.
„Македонија загуби еден од водечките сили на движењето за независно живеење за лицата со хендикеп, во Македонија и на регионално и меѓународно ниво.
Инспиратор кој со својата иновативност го започна движењето за независен живот за лицата со попреченост.
Непоколеблив активист кој со својот шарм беше гласноговорник за промените кои треба да се направат во Македонија и во светот за заедницата со хендикеп да може да ги ужива своите права на еднаква основа со другите.
Преку својата музикалност и поетичност, борбеност и посветоност повикуваше на промени. Неговата активност и заложба за владение на правото ја врамија Македонија и на меѓународна сцена како креатори и придонесувачи кон креирањето на меѓународните документи, особено во создавањето на ООН Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.
Со покренување на првата граѓанска иницијатива „Мојот потпис е Закон“, заедно со својот тим ги охрабри граѓаните во Македонија да ги бараат своите права преку механизмот на граѓанската иницијативи.
Следеќи ја визијата за општество каде граѓаните со хендикеп ќе бидат независни и самостојни, неговите трудови, песни и иницијативи ќе останат сведоштво за постојаната борба за човековите права, борбата за еднаквоста и недискриминацијата. Македонија и идните генерации со и без хендикеп му должат многу на Звонко.
Сè што знаеме научивме од неговиот глас, и од неговата посветеност и ќе ни биде поттик за сите заедно да ја продолжиме нашата борба: Ништо за нас без нас!
Почивај во мир Звонко,“ велат од Полио плус.
Фото: Полио плус