Уставниот суд на седница донесе одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за данок на солидарност.
Истиот беше донесен лани од претходната власт, а се однесуваше на сите компании кои во 2022 година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот беше оданочена со 30 отсто.
Уставните судии, како што информираа од таму, изразиле сомнеж дека со донесувањето на Законот е нарушена правната сигурност на компаниите кои оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година, бидејќи им се наложува задолжителен вонреден данок на веќе одданочениот профит од претходната година.
„Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот. Судот го имаше предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги завршиле односите со плаќањето на данок во 2022 година“, информираа од таму.
Судот во оваа фаза од постапката оценил дека со донесувањето таков вид данок компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.
„Иако законодавецот во јавноста презентирал дека спорниот Закон се носи за да се усогласи со Регулатива 2022 на ЕУ, Уставниот суд изразува сомнеж дали станува збор за усогласување, бидејќи ЕУ-регулативата се однесува на вонредно оданочување на компании од енергетскиот сектор, кои оствариле значително зголемен приход како резултат на кризата, што не може да се спореди со субјектите кои се опфатени во Законот за данок на солидарност во Република Северна Македонија, бидејќи во законското уредување е предвиден критериум, а тоа е 615.000.000 денари, без оглед на тоа со каква дејност тој профит бил остварен“, велат од Уставен.
Фото: Уставен суд