еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Граѓаните од Кочани бараат да не се објавуваат снимки и фотографии од болката на најблиските

Граѓаните на Кочани бараат да не се објавуваат снимки и фотографии од болката на родителите.

„Размислувате ли пред да објавите? Ги гледате ли насловите што ги пишувате? Дали сте свесни дека овие имиња што ги објавувате не се само бројки. Тоа беа нечии деца. Нечии браќа, сестри, родители. Овој град е мал. Секој од нас загуби некого. Секој од нас познава барем две три жртви. И секој од нас ќе живее со оваа болка засекогаш.

Дали за вас е „добра содржина“ да објавувате видеа и слики од родители што стојат пред болница, со солзи, со раце што се тресат, со срца што им се кинат?

Дали сметате дека треба да се споделуваат моменти кога татко се урива на колена, викајќи од болка? Кога мајка, која девет месеци носела живот во себе, го доела, го чувала од секое зло сега стои скршена, без надеж, без сила, без своето дете.

Дали навистина ова ви изгледа како нормална објава? Дали е вредно за кликови и лајкови?

Родители изгубија единствени синови, единствени ќерки. Сите соништа што ги имале, сите години љубов, сите жртви што ги направиле избришани за една ноќ.

155 семејства сега не дишат, не спијат, не живеат само чекаат. Со телефонот во раце, со надеж, со молитви. Во секоја болничка соба има по едно дете што се бори за живот. По една мајка што го држи за рака и шепоти: „Сине, бори се, ќерко, бори се“.

А вие објавувате снимки од нивните солзи. Ја продавате нивната болка за кликови. Ја споделувате нивната трагедија како сензација.

Го почитуваме секој ваш збор на поддршка, но немојте да ни ја крадете тагата. Не ја претворајте во содржина за гледаност. Не смеете да ги делите моментите на очај, на распад, на изгубена надеж.

Сите партии се соучесници во ова! Оваа дискотека постои веќе 15 години, во времето на сите власти. Политиката ги уби нашите деца. Корупцијата ја запали оваа ноќ.

Не ни требаат вашите политички пресови, ниту обвинувања меѓу вас. Не сакаме ни опозиција, ни власт да ја користат оваа трагедија за политички поени. Овојпат од вас бараме нешто друго сплотете се, обединете се, еднаш засекогаш!

Во сите страни има по некој добар човек. Соберете сила, најдете ги тие луѓе и исчистете ја оваа држава од темел!

Ништо повеќе нема да биде исто. Нема повеќе толеранција за корупцијата и за вашето збогатување на грбот на граѓаните! Секој што има вина, за најмал детал, мора да одговара без селективност, без компромиси!

Сега гледаме во Кочани ги обвинуваат најситните, најмалите. Обезбедувањето на дискотеката луѓе што таа ноќ спасиле над 100 животи се на тапет. Да, ако имаат вина, нека одговараат. Но, не застанувајте овде!

Оваа дискотека 15 години добивала дозволи. Кој стоеше зад тоа? Кој потпишуваше документи?

Правдата нема да ја најдете во казнување на најслабите. Овојпат, мора да паднат и тие што со години ја градат оваа корумпирана пирамида,“ пишува на Фејсбук профилот Кочани.

И министерот за здравство Арбен Таравари апелираше до македонските медиуми да ги почитуваат приватноста и достоинството на жртвите.

„Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување.

Затоа, упатувам искрен апел за одговорно известување, кое ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна. Верувам во вашата професионалност и чувствителност во известувањето за оваа трагедија.

Ви благодарам за разбирањето, соработката и вашата посветеност кон она што е вистински важно, информирањето со почит и емпатија,“ пишува Таравари на неговиот Фејсбук профил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонци и Срби згрозени од ПР посетата на Вучиќ на настрадани од пожарот во Кочани во болница во Белград

Зар е можно градоначалникот Папазов да не ја видел т.н. дискотека во Кочани?

За херојството на фудбалерот Лазаров, кој загина спасувајќи настрадани во пожарот во Кочани, пишуваат и светските медиуми

Фото: Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Репрезентацијата го завршува настапот на ЕУРО 2022: Македонија загуби од Црна Гора, останува уште дуелот со Данска

Редакција

Потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска и утре во посета на Македонија

Редакција

Минерали како гаранција за помошта што САД и ја дава на Украина, побара Трамп

Редакција