Комисијата за заразни болести препорачува прогласување на епидемија на голема кашлица на територијата на Град Скопје, имајќи ги предвид последните бројки, 18 потврдени случаи и очекувањата дека бројката ќе расте.
„Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини“, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Тој потенцираше дека е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација на пертусис.
„Значи, тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар.
Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени, и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација“, рече тој.
Комисијата препорачува забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинки и очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите.
„Оваа болест може да биде, и е практично тешка, најтешка болест за најмалите,“ подвлече Петличковски.
Фото: МЗ