Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, денеска повтори дека Македонија нема да направи ни милиметар поместување од црвените линии за уставните измени.
-Ги дефиниравме нашите црвени линии. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно сметаме дека граѓаните на Македонија доволно отстапија, рече тој.
Повтори дека земјата нема да биде жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон Европската Унија (ЕУ).
-Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон Европската Унија. Ние кажавме што може да направиме и тоа е максимумот што може да го направиме.
Тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе што одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика, рече тој, подвлекувајќи дека земјата има комплетно усогласена меѓународна и одбранбена политика со ЕУ, како и дека реформите ги водиме согласно барањата од ЕУ и се работиме во согласност со Унијата.
-Ако ЕУ сака да биде заложник на некои земји членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека нè остават да си ги завршиме домашните задачи и проблемите. Не треба да се грижат, не сме ние опасност никому, нема овде никакво влијание, овде има европско влијание, ние сме земја членка на НАТО, и НАТО има влијание. Не постои друго влијание.
Сè имаме направено, се што треба направивме. Ако тие мислат дека ние треба дополнително да се себепонижуваме, уништуваме идентитетски и никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред, тоа е нивно право, одлучиле да бидат заложници на луѓе што живеат во средниот век, а не гледаат напред. Тоа е нивна одлука, нека нè остават да си ги решиме домашните проблеми, рече тој.
Посочи дека ако сметаат дека тоа не е доволно, дека не треба да бидеме таму според заслуга, туку за нешто што се случило во средниот век, тоа е нивно право.
-И пак ќе биде според правилата на ЕУ, не според други правила. Затоа што веруваме во вредностите каде што се напредува по заслуга, а не на понижување на другите, рече Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Уставните измени мора да се спроведат, повтори еврокомесарката за проширување Кос
Фото: Влада