еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Поранешен помошник-министер без тендер договорил сервис на службени возила на МВР, заработи кривична

Поранешниот помошник-министер во Министерството за внатрешни работи (МВР), Ж.Т. и началничка на Секторот за набавки, менаџмент и логистика, А.С., заработија кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поради злоупотреба на службената положба и овластување во врска со ангажирање фирми за сервисирање службени возила на МВР.

Делото за кое се осомничени го сториле во 2018 година, односно 2019 година.

Според Финансиската полиција, тогашниот помошник-министер наместо да спроведе редовна постапка за избор на фирми за поправка и сервисирање на возила на Министерството, преку распишување тендер, донел одлука набавката да се изврши преку итна постапка, без објавување оглас.

Во случајот, како што се наведува во соопштението на Финансиската полиција, покани биле испратени само до одредени економски оператори (фирми), кои од добиениот ангажман инкасирале по 9.440.000 денари (околу 154.000 евра) секоја или 47.200.000 денари (околу 768.000 евра) вкупно.

„Тој не презел дејствија за навремено отпочнување и објавување редовна постапка и ја загрозил безбедноста на вработените во Министерството за внатрешни работи со што ги довел возилата во состојба на дефектажа и неможност да се сервисираат на начин што не донел одлука во најбрз можен рок по носење на новиот Годишен план за јавни набавки за 2019 година и со тоа свесно ги довел сите во состојба на итност за со намера да се спроведе итна постапка донесувајќи Одлука за спроведување на итна постапка со преговарање без објавување на оглас за поправка и сервисирање на ПМВ и ТМВ во која постапка биле испратени покани само до одредени економски оператори“, велат од Финансиската полиција.

Според Финансиската полиција поранешниот функционер во МВР свесно и со однапред утврдена намера не донел одлука за јавна набавка од отворена постапка за сервисирање на возилата на МВР, иако тоа требало тоа да го стори во декември 2018 година, како што било предвидено со дополнувањето на годишниот план на МВР за таа година.

Тогашната началничка пак, е опфатена во кривичната пријава затоа што не задолжила лице за објавување оглас за јавна набавка и со тоа не овозможила други заинтересирани фирми да учествуваат во постапката.

„Врз основа на што првопријавениот Ж. Т. склучил рамковна спогодба по итна постапка со преговарање без објавување оглас, на кој начин првопријавениот заедно со второпријавената овозможиле противправна имотна корист за носителите на набавката ‘Коп Компани ДООЕЛ Скопје’, ‘Пржо Автокомплекс ДООЕЛ Битола’, ‘Аутомакедонија АД Скопје’, ‘ДТУ Авто сервис Раде ДООЕЛ увоз-извоз с. Теарце Тетово’ и ‘МИ – ДА Гранд Моторс ДОО Скопје’, по 9.440.000 денари поединечно за секој правен субјект, односно вкупен износ од 47.200.000 денари со ДДВ“, велат од Финансиската полиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како Охриѓани реновираат купатило: Кадата ја фрлат во езеро

Редакција

Кога ми се јави Груевски веќе имавме воспоставено контрола во Собранието, рече Чавков на судењето за „организаторите на 27 април“

Редакција

Гази Баба со најмногу активни случаи на Ковид-19: Детален преглед по скопските општини

Редакција