еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Фрчкоски осомничен за злоупотреба на над 116.000 долари

Поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

-На 12.05.2025 Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Д.Ф. (67), К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.

Пријавениот Љ.Д.Ф. во својство на службено лице – Шеф на Постојаната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што постапил спротивно на Инструкција од Министерството за надворешни работи и Мислење од Министерство за финансии.

Љ.Д.Ф. од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк по однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на буџетот на РСМ уплатил парични средства во износ од 3.940.000,00 американски долари, односно преостанатите парични средства на сметката на ПМ на РСМ во Њујорк во износ од 58.721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ.

Овие средства, незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци и Интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки.

Покрај ненаменски потрошените 58.721,72 американски долари од продажба на имот, истиот со незаконското и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, нерасчистено салдо во касата на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк, направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства, подигнати парични средства од касата на ПМ за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР, причинил материјална штета во износ од 57.855,18 американски долари.

Пријавените К.Г., Ј.И. и И.С.– во својство на сметкополагачи во ПМ на РСМ при ООН во Њујорк во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.

Тие иако биле должни согласно законските прописи да ракуваат со одобрените средства и туѓите средства, да ја проверуваат сметководствената точност на документот врз чија основа се издаваат налози за исплата, да изготвуваат точно и ажурно извештаи за финансиско и материјално работење на претставништвото и нивно навремено доставување до МНР, да учествуваат во составување на предлог годишниот финансиски план и негово следење при извршувањето, да вршат други работи од финансиско-материјалното работење по барање на МНР, да преземаат соодветни мерки за наменско и законско користење на средствата на претставништвото, да вршат контрола на приходите од конзуларни услуги во претставништвото и да вршат усогласување на состојбата на паричните средства на жиро сметката и благајната на крајот на секој месец, со неизвршување на своите службени должности противзаконски му исплаќале парични средства од благајната, вршеле плаќања од банкарската сметка на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк и не ги евидентирале неправилностите направени од страна на пријавениот Љ.Д.Ф. во однос на располагањето со финансиските средства. Со наведените дејствија пријавените Љ.Д.Ф., К.Г., Ј.И. и И.С. причиниле штета на буџетот на РСМ во вкупен износ од 116.576,9 американски долари, велат од МВР.

Реакција на Фрчкоски

На кривичната регираше Фрчкоски, според кого истата е срамен притисок врз критичарите на власта.

Во реакцијата од Фрчкоски се вели дека власта и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) направиле срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта.

Според него, Министерството одлучило да изврши притисок со појава на, како што вели, комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на македонската Амбасада во Њујорк со цел ширење страв и замолчување.

„Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало пречекорување на сметките за мобилни, поправка на возило без дозвола на МНР, земање на аванс за службено патување иако целиот е вратен во буџетот, вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија кои исто така се редовно вратени во буџетот“, се вели во истата.

Тој додава дека, според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.

Фрчкоски објаснува дека најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од продажба на објект на СФРЈ во Њујорк, за кои вели дека биле уплатени на сметката на Мисијата.

„Се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил веднаш уплатен во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки“, се вели во реакцијата.

Тоа, вели тој, е обврска и задолжение од финансиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети, туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк.

„Кога данокот по една година е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но, МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но, тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, вели тој.

Фото: ТВ 24

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Влада без ДУИ, уставните измени да бидат ефективни кога Македонија ќе стане членка на ЕУ: Мицкоски го повтори условот на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Гутереш повика на четиридневен велигденски хуманитарен прекин на огнот во Украина, почнувајќи од 21 април

Редакција

Штрајкот на вработените во Фондот за здравство ставен во мирување

Редакција