еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26. април, информираа од компанијата.

Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17. април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други.

Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.

Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба.

Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).

Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Алкалоид донираше течен „Омепразол“ со кој ќе помогне во лекувањето на околу 200 деца

„Алкалоид“ со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот Омепразол во течна форма во светот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лажни се дојавите за денешните бомби

Редакција

Се најавуваат илјадници отпуштања: Угостителите нема да ги користат мерките на Владата

Редакција

Хоспитализирани осум деца позитивни на корона вирусот

Редакција