Спасени се три момчиња на 16-годишна возраст откако вчера четири часа заглавиле на островче на реката Треска, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тие заглавиле на островчето на надојдената Треска до доцна во ноќта заради испуст на водата од хидроцентралата „Матка“ и хидроцентралата „Козјак“, што е редовен процес за континуирано производство на електрична енергија, па редовно навечер има нагло зголемување на водотекот низ коритото на Треска, а има и покачување на нивото на реката.
-Заради наглото покачување на реката Треска трите момчиња останале заробени на специфичен повисок песочно-чакален дел на средина на реката, на своевидно островче и немале можност да преминат на безбеден брег, бидејќи биле опкружени од двете страни со силна и брза вода.
Се работи за 16 годишни момчиња кои во тој момент биле под силен притисок на страв и паника, велат од ЦУК.
Од ЦУК побарале директно од диспечерите во хидроцентралите „Козјак“ и „Матка“ (браните) веднаш да го намалат истекот на вода со што ќе се овозможи извлекувањето и спасувањето на момчињата.
-Во меѓувреме од страна на тимот на специјалните сили беше направен еден обид со чамец да се спасат децата, но заради големата вода тоа не можеше во тој обид безбедно да се реализира заради исклучително брзата и силна вода во зголеменото корито на реката Треска. Беше потребно да се почека погоден момент, поточно требаше време да се намали силината и нивото на водата и откако беше сопрена водата да истекува од двете брани.
Околу 23.00 часот од страна на дежурните од Полициска станица Сарај е добиено известување дека, по намалување на водостојот на реката специјалните тимови на МВР и селаните од с.Грчец, момчињата успешно и безбедно ги префрлиле со чамец по течението на реката, но од другата страна на островот што гравитира кон селото Грчец, велат од таму.
Видео: ЦУК