еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Водечки светски компании ќе зборуваат на годишната конференција за е-трговија 

Претставници од најголемите светски брендови како TikTok, OpenAI, Klarna, и ZEOS by Zalando, заедно со уште многу други светски, регионални и домашни компании, ќе бидат дел од 7-мата регионална конференција за е-трговија „E-commerce: Untangling potential!“, што ќе се одржи на 12 ноември во Скопје.

Настанот веќе трета година го задржува својот регионален карактер и привлекува учесници од повеќе од 10 држави од регионот и светот.

Во своето најголемо и тематски најисполнето издание до сега, конференцијата за е-трговија ќе ги обедини најистакнатите домашни и меѓународни експерти во областа. Говорниците преку клучни говори, панел дискусии и неформални разговори ќе покажат во кои аспекти од е-трговијата е постигнат потенцијалот, и каде се уште има простор за развој за да може да се искористи во целост.

Ќе бидат опфатени теми како испорака и логистика, нови можности за е-плаќање, маркетинг за е-трговија со користење на податоци и вештачка интелигенција, како и прекуграничен и меѓународен раст на бизнисите со е-трговија. Покрај тоа, конференцијата ќе биде одлично место за вмрежување и споделување искуства, поддржано од иновативниот саемски концепт, кој дополнително ги зголемува можностите за интеракција и размена на знаење.

Селесте Фејзо од OpenAI, водечката истражувачка компанија фокусирана на создавање безбедни и корисни AI системи, со нивниот производ ChatGPT кој веќе секојдневно го користат милиони луѓе ширум светот, е една од говорниците која ќе одржи своја презентација на конференцијата и ќе зборува за тоа како вештачката интелигенција може да ја револуционизира е-трговијата. Селесте, како AI Data Trainer, ќе ги сподели своите искуства во развојот на сигурни и ефективни AI технологии, кои ќе ја обликуваат иднината на е-трговијата.

Говорникот Бобан Љубиноски од Klarna, шведската финтек компанија позната по својот модел Купи сега, плати подоцна (Buy Now, Pay Later – BNPL), е глобален лидер во онлајн плаќањата, овозможувајќи им на корисниците да купуваат сега, а да плаќаат подоцна преку флексибилни опции за плаќање. Бобан ќе зборува за иновативните и флексибилни платежни методи наменети за модерните е-купувачи, кои допринесуваат кон зголемување на посетите кон е-продавниците, како и зголемување на просечна вредност на нарачките и на лојалноста на купувачите.

Дополнително, говорникот Бојан Доленц од ZEOS by Zalando е експерт за логистички иновации и ќе зборува за оптимизацијата на логистичките процеси кои го прават Zalando еден од лидерите во е-трговијата. ZEOS, дел од Zalando, е напреден систем за управување со складирање, обработка и испорака на нарачки. Бојан со своето 7-годишно искуство ќе сподели како ZEOS ја подобрува логистиката и ги намалува трошоците за големите интернационални брендови.

Исто така, традиционално, во сеопфатната програма на конференцијата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2024 година, која за првпат оваа година се однесува на целиот Западен Балкан, а во текот на кофнеренцијата ќе се зборува и за користењето на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, но и за потребата од беспрекорно искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет, а ќе бидат споделени и искуства од успешните е-трговци во регионот за како тие придонесуваат во отплеткување на потенцијалот кој го нуди е-трговијата.

Инаку, конференцијата по трет пат ќе биде домаќин на регионална публика и на истата се очекува да присуствуваат околу 700 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Романија, Бугарија и Хрватска што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето седмо издание.

Повеќе информации поврзани со агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата, вклучувајќи ги и картите кои се пуштени во продажба, се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/ 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И моето дете има право да ги користи сите права, како и другите, вели Џафери за синот кој ќе стане обвинител

Редакција

Промовирани нови 70 армиски подофицери, Шекеринска најави ново вооружување, од 2024 година и набавка на хеликоптери

Редакција

Автопатот Миладиновци-Штип ќе биде пуштен неделава

Редакција