За помалку од две недели доскорешниот најголем акционер и претседател на Надзорниот одбор на Македонијатурист АД Скопје, Доне Таневски продаде речиси 2/3 од своите акции за нешто повеќе од 14 милиони евра.
Па имајќи го во предвид овој податок, познавачите на случувањата во Македонијатурист, го поставуваат прашањето дали Таневски имал договорено продажба на акции на Друштвото на три компании, кои се новите акционери со над 5% од акциите: Промедика ДООЕЛ Скопје, М.Г. Фешн ДОО увоз-извоз Скопје и Чезакомерц Симеон Роберто и Виктор ДОО Скопје.
Познато е дека првиот пакет од 30.741 акции на Друштвото се продаде по цена од 221 евра за 1 акција на 19.11.2024 година, а купувач беше Промедика.
Според извори блиски до Македонијатурист е исто така познато дека купувач на вториот пакет на акции на Друштвото од 31.796 акции по цена од 227 евра за 1 акција, на 02.12.2024 година, е друштвото Чезакомерц.
Со оглед на краткиот период помеѓу двете трансакции, логично е да се постави прашањето дали своите последни акции Таневски ќе ги продаде на М.Г. Фешн.
Се очекува цената да биде во истиот ранг, како и во претходните трансакции, бидејќи станува очигледно дека за Таневски цената е многу повисока од онаа што важи на регуларниот пазар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Останатите акционери се прашуваат зошто за нив не важи истата цена согласно Законот за преземање на акционерски друштва, па поважното прашање е дали Таневски и неговото семејство заработиле милиони користејќи сензитивни информации во преговорите за продавање на акциите, на кое одговор треба да дадат надлежните институции.
Имено во последните шест месеци Таневски и членови на неговото пошироко семејство упорно купуваа акции од Македонијатурист по цена од 100 до 120 евра за 1 акција.
Воглавно продавачи на овие акции беа вработени во Друштвото или пензионери чии деца работат во Македонијатурист.
Нема дилема за случувањата во Македонијатурист повеќе треба да се заинтересираат надлежните инстиции, кои треба да ги дадат вистинските одговори за случувањата во Друштвото.
Хотелското друштво има вкупно десет објекти, од кои повеќето хотели. „Холидеј ин“, „Бест вестерн“, „Белви“ и „Карпош“, кои работат, и затворените – „Бристол“, „Јадран“, „Водно“ и „Сарај“.
Македонската берза ги следи случувањата во Македонијатурист
„Имајќи ја предвид зголемената трговска динамика и ценовниот раст на акциите на Македонијатурист АД Скопје во изминатиот период, Берзата, во рамки на своите овластувања веќе има побарано од Друштвото да се изјасни дали постојат евентуални необјавени ценовно чувствителни информации што би можеле да имаат влијание на формирањето на пазарната цена на овие акции, после што Друштвото во месец октомври објави известување преку СЕИ-Нет дека не поседува такви информации во врска со работењето што не се објавени,“ велат од Берзата на прашањето на еМагазин, дали Берзата периодов побарала информации од Македонијатурист или од некој од акционерите, за необјавени ценовно чувствителни информации кои би влијаеле на случувањата во Друштвото.
„Берзата е организатор на пазарот на хартии од вредност и канал преку којшто котираните друштва ги исполнуваат своите обврски за транспарентност кон инвеститорската јавноста.
Котацијата на акциите на Берзата произлегува од договорот за котација помеѓу Берзата и издавачот и Берзата има деловна релација единствено со Друштвото, а не со неговите акционери.
Котираното Друштво, од своја страна, има соодветни обврските за обелоденување на финансиски и нефинаниски ценовно чувствителни информации согласно Правилата за котација на Берзата и законската регулатива„, дополнуваат од таму.
Комисијата за хартии од вредност спроведува постапка за случувањата во Македонијатурист
За случувањата во Македонијатурист, еМагазин побара и став од Комисијата за хартии од вредност, која е самостојно и независно регулаторно тело кое го регулира и контролира работењето со хартии од вредност. Од таму ни изјавија дека спроведуваат постапка и контрола во врска со случувањата во Македонијатурист.
„Комисијата за хартии од вредност во интерес на постапката која ја спроведува во врска со случувањата поврзани со Македонијатурист АД Скопје во оваа фаза не може да споделува било какви информации, бидејќи секое нивно обелоденување значи потенцијално оддалечување од исходот на постапката.
Во тек е контрола каде што Комисијата за хартии од вредност врз основа на законите од своја надлежност и во рамки на своите овластувања ги проверува сите аспекти и елементи поврзани со Македонијатурист АД Скопје, вклучувајќи, но не ограничувајки се на трансакциите, учесниците во трансакциите, членовите на органите на Друштвото, поврзаните лица и др.“, велат од таму за еМагазин.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Скопски пазар стана најголем акционер во Македонијатурист
Фото: Холидеј Ин/Фејсбук