Јавното обвинителство поведе постапка против две лица, кои се браќа, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на градоначалникот на Општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв.
-Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на Општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник, велат од Обвинителството.