ЕВН Македонија останува универзален снабдувач на струја.
Од Владата информираа дека за најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка, е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.
„За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива.
Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.
Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија,“ велат од Влада.