Народната банка, во својство на регулаторна и надзорна институција за давателите на платежни услуги во земјата, го поднесе формалното барање за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор, информираат од таму.
„Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите,“ велат од Народна банка.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која го потпишала барањето, вели дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите, имајќи предвид дека најголемиот број од плаќањата со другите држави (или странство) се извршуваат во евра.
„Минатата година, 87% од вкупните одливни плаќања, односно 77% од вкупните приливни плаќања со странство кај домашните банки се извршени во евра“, вели Ангеловска-Бежоска и истакнува дека ефикасноста на плаќањата во СЕПА ќе придонесе и за намалување на користењето готовина, ставајќи ја на преден план употребата на дигиталните начини на плаќање и поддржувајќи го преминот кон дигитално општество.
СЕПА носи повеќекратни придобивки за граѓаните, стопанството и давателите на платежни услуги. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА.
Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста.
Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот, односно во рамките на вообичаеното работно време, но и надвор од работното време, како и за викенд и за празници (24 часа седмично).
„Со пристапот до СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци коишто произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјата.
Интензивните активности во изминатите неколку години за усогласување на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија, создадоа основа за започнување на процесот за интеграција на земјата во СЕПА, пред да пристапиме во ЕУ.
Документацијата за поднесување барање во СЕПА е резултат на заедничкиот напор на Народната банка и повеќе министерства и институции, како и на Македонската банкарска асоцијација. Овој заеднички напор ја истакнува посветеноста на нашата држава да го усогласи националното законодавство и неговата примена со стандардите на СЕПА, изедначувајќи го со нив во правна и функционална смисла,“ се додава во соопштението.
Процесот на подготовка на барањето започна во рамките на Регионалниот проект „Модернизација на плаќањата за земјите од Западен Балкан“, како дел од Планот за раст на Западен Балкан, финансиран од ЕУ и произлезен од Берлинската иницијатива за создавање заеднички регионален пазар.
Тој беше технички поддржан од долгогодишниот и значен партнер на Народната банка во сферата на плаќањата, Светската банка.
По однос на членството на нашата земја во СЕПА одлучува Европскиот совет за плаќања, тело одговорно за стандардизација и подобрување на платниот систем во Европа, со седиште во Брисел. Во наредниот период, Советот ќе го разгледа барањето и по процената на усогласеноста со стандардите на СЕПА, во соработка со Европската комисија, ќе донесе конечна одлука за прием во членството.
СЕПА брои 36 земји членки, при што покрај 27-те земји членки на Европската Унија, членуваат и 9 европски земји коишто не се во ЕУ (Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Андора, Монако, Лихтенштајн, Сан Марино и Ватикан).
За повеќе информации за предностите од пристапувањето во СЕПА, може да прочитате на следната врска: nbrm.mk.
Фото: Унсплеш