Со указ на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, од амбасадорското место во НАТО во Брисел, Белгија, е отповикан амбасадорот Дане Талески.
Во Албанија повеќе не е амбасадор Данчо Марковски, од амбасадорското место во Данска е отповикан Фатон Бејта, амбасадор во Казахстан не е повеќе Сали Лимани, а во Катар, Шабан Јашари.
Теута Агаи Демјаха пак не е повеќе амбасадорка на Постојната мисија на Македонија во Обединетите Нации во Женева, Швајцарија, а Марија Ефремова не е повеќе амбасадорка при Светата Столица во Ватикан.
Согласно указите на претседателката, мандатот на Талески престанува заклучно со 14. јануари, 2025 година, а на останатите амбасадори заклучно со 30. ноември, годинава.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека наскоро ќе почне процес на именување на нови амбасадори на овие седум амбасадорски места.
Тој појасни и дека на овие амбасадори им завршил мандатот и дека не се работи за нивно вонредно враќање во земјава.
Фото: Игор Бансколиев