Лавина од реакции во јавноста предизвика одлуката за амнестирање на осудени лица на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Според истата, изречената казна затвор за Акиф Бејадин Равманоски од селото Арачиново е заменета со условна осуда на 1 година и 3 месеци. Равманоски е попознат како Акиф Јусуфи и е член скопската криминална група „Барон“, а бил осуден за недозволено поседување оружје кое било нелегално, а истиот е и дел од истрагата за вооружен напад во скопски Чаир од пред неколку дена.
Условни добија и Никола Димитрија Трипчевски од Охрид, кој беше осуден на 1 година затвор, како и Шенол Бавчар Маслани од селото Арачиново, кој беше осуден на 6 месеци затвор, кој пред 5 години беше уапсен во акција на Министерството за внатрешни работи и е брат на Шенки Версаче.
Делумно се ослободува од понатамошното извршување на незавршениот дел од казната, Мухарем Веап Али, од Скопје, кој доби ослободување од 2 месеци, Тодор Димитар Попов од селото Миравци, кој доби ослободување од 3 месеци, Томислав Илија Симонов од Скопје, кој доби ослободување од 2 месеци, Перо Стојан Кузмановски од Градско, кој доби ослободување од 3 месеци и Живко Андон Делиџаков од Богородица, кој доби ослободување од 3 месеци.
Делумно ослободување на затворските казни добија и актерот и поранешен градоначалник на Битола, Владимир Атанас Талески, од Битола, кој заврши во затвор за случајот „Транспортер„ на поранешното Специјално јавно обвинителство, кој доби ослободување од 7 месеци, како и поранешниот разузнавач, Марјан Милчо Ефремов од Скопје, осуден за случајот “Шпион“, кој доби ослободување од 7 месеци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Кабинет на претседателката