Државниот завод за статистика соопшти дека стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во четвртото тримесечје од 2023 година е 0,9 проценти.
Во четвртиот квартал лани поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво од 5,5 проценти и Финансиски дејности и дејности на осигурување од 3, 5 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2023 година, номинално пораснала за 5,8 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 70,9 проценти.
Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 0,1 процент, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5,3 проценти.
Бруто-инвестициите во четвртото тримесечје од 2023 година бележат намалување во делот на промената на залихите.
Минатата година, стапката на раст на БДП во првото тримесечје изнесуваше 2,1 процент, во вториот квартал 1,1 процент, а во третиот квартал 1,2 проценти.