Во Националната галерија на Словенија во Љубљана беа прогласени победниците на Меѓународните Медис награди за медицински истражувања, кои десетта година по ред ги наградуваат извонредните истражувачки достигнувања на лекари и фармацевти од Централна и Југоисточна Европа.
Меѓу, деветте победници оваа година е и Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската клиника за неврологија, со нејзиниот научен труд „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научното списание „Epilepsia Open“.
Студијата на неврологот Бабуновска истражува голема, национална група на пациенти со епилепсија за да покаже дека истите имаат зголемена преваленца на фрактури на коските во споредба со oпштата популација.
„Целта на оваа студија е да обезбеди сеопфатни информации за коскени фрактури кај лицата со епилепсија кои можат да помогнат да се воспостави ефикасна превенција. Доброто менаџирање кај пациенти со епилепсија е многу повеќе од контрола на нападите.
Иако добрата контрола врз нападите претставува ефективен начин за намалување на ризикот, сепак потребно е да се вклучат превентивни мерки за подобрување на здравјето на коските кај пациентите со епилепсија“, ја објаснува студијата Бабуновска.
Добитници на 10. Меѓународни Медис награди се: д-р Дејвид Ј.М. Бауер, Австрија, од областа за гастроентерологија, д-р Габор Сабо, Унгарија, за гинекологија, д-р Никола Брадиќ, Хрватска, за интензивна нега и анестезиологија, д-р Марија Бабуновска, Македонија, во областа на неврологијата, д-р Маја Живковиќ, Србија, во областа на офталмологија, доц. д-р Гордана Букара-Радујковиќ, Босна и Херцеговина, за педијатрија, д-р Јуре Урбанчич, Словенија, за областа пулмологија и алергологија, д-р Ирина Гесл, Австрија, од областа за ревматологија, д-р Милена Анѓелковиќ, м-р фарм, Србија, за фармацијата.
За Меѓународните Медис награди за медицински истражувања аплицираат доктори и фармацевти кои ги објавиле своите научно-истражувачки трудови во престижни научни публикации со импакт фактор повисок од 1.500. Годинава пристигнаа 242 апликации од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
148 пријавени ги исполнија сите високи критериуми за номинации за Меѓународните Медис награди.
„Секоја година, Меѓународниот научен комитет прегледува одлични научни трудови. Ова ни дава надеж за иднината на медицината и фармацијата во нашиот регион. Во исто време, чувствуваме и голема одговорност кога станува збор за оценување на трудовите, особено при изборот на оние кои навистина се истакнуваат.
Им честитам на сите автори чии истражувања ги исполнија високите стандарди потребни за објавување во најпрестижните научни списанија и ги охрабрувам сите да учествуваат на International Medis Awards и во иднина“, се осврна на доставените истражувања претседателот на Меѓународниот научен комитет проф. д-р Борут Штрукељ, м-р фармацевт.
„Ги воспоставивме овие награди пред десет години за да го подобриме препознавањето на достигнувањата на лекарите и фармацевтите во Централна и Југоисточна Европа во стручната и особено меѓу општата јавност, притоа охрабрувајќи ги да продолжат со својата идна или уште пообемна работа во одбраната област на истражување.
Во текот на една деценија, наградите станаа почитувана професионална референца во медицинските и фармацевтските кругови. Како иницијатор на наградите, на ова гледам со големо задоволство и гордост,“ изјави на церемонијата за доделување на наградите Тоне Стрнад, м-р фармацевт, основач на International Medis Awards и компанијата Медис.
Маја Стрнад Цестар, м-р, извршен директор на Медис, објаснува зошто компанијата го поддржува овој натпревар:
„Нашата мисија е да го подобриме квалитетот на животот на пациентите во нашиот регион, а улогата на лекарите и фармацевтите е незаменлива во тоа. Затоа веќе десетта година сме главен спонзор на натпреварот IMA. Верувам дека со поддршка на овие награди, го зајакнуваме оптимизмот во медицината и фармацијата, ја промовираме довербата во науката и помагаме да се создаде подобра иднина за сите нас“.
Мартина Перхарич, м-р фармацевт, д-р, бизнис директор во Медис, ја истакна важноста на научните истражувања:
„Работата во науката е напорна работа полна со предизвици. Ако ова го правите дополнително на вашата редовна клиничка работа, особено во земји каде што нема многу средства или поддршка за истражување, тогаш вашата посветеност на науката е навистина извонредна.
Ова несомнено заслужува пошироко внимание од стручната и широка јавност. Во исто време, наградите помагаат да се изгради доверба и углед на лекарите и фармацевтите кои им помагаат на луѓето да добијат подобри опции за лекување“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ