Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска организираше протест по повод Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај.
Работниците излегоа на улица да упатат порака на незадоволство, со апел, креаторите на политиките многу повеќе да водат грижа за нивните работнички права.
Од следната Влада, побараа минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз.
Достоинствени плати побараа, за да останат во државата, за да не заминуваат во Хрватска и Црна Гора.
Занаетчиите побараа измена на законските прописи, даночни и финансиски олеснувања за да може како гранка да опстанат и да ги сочуваат традиционалните занаети од изумирање од напливот на модерната технологија.
Работниците од јавните-комунални претпријатија побараа соодветно вреднување на трудот, исплата на К-15, усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата.
Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Протестот почна од пред Работничкиот дом од каде синдикатите порачаа дека му даваат црвен картон на судот заради тоа што направил обид да изврши притисок врз нив.
Протестот започна со стиховите на песната „Неправда, па тоа е неправда, имаш ти, немам јас“.
Фото: ССМ