еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Премиера на филмот на Тамара Котевска и концерт на Дуке Бојаџиев на 15. „МакеДокс“

Последниот ден на јубилејното 15. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, на 22. август, ќе почне со објавата и доделувањето на наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за најдобри етички идеи. Врачувањето на наградите ќе се одржи од 20.30 часот, во Куршумли ан.

Во рамки на филмската програма, по доделувањето на наградите, ќе се одржи македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Патување пеш“ („The Walk“) на македонската режисерка Тамара Котевска. Филмот веќе ја воодушеви светската публика на бројни фестивали, а сега доаѓа и во Скопје.

Документарниот филм „Патување пеш“ го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза. Раскажувајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, ја пренесува судбината на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше две години на територија на повеќе од 10 земји.

Европска премиера филмот ја доживеа во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права – FIFDH, во срцето на Женева, Швајцарија, каде имаше две проекции. Светската премиера беше во Њујорк. Ова е втор долгометражен документарен филм на режисерката Тамара Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“, за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во САД во 2019 година, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 година.

Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најнаградуваните британски филмски компании со фокус на документарни филмови, „Греин Медиа“ (Grain Media), македонски копродуцент е „ОХО Продукција“, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.

Пред премиерата на филмот на Тамара Котевска ќе има проекција на краткиот документарен филм „Помеѓу нежноста и насилството“ (Турција / 2023 / 15 мин.) на Ширин Бахар Демирел. Билетите за филмските проекции во Куршумли ан се распродадени.

По премиерата на „Патување пеш“ на Тамар Котевска ќе следи уникатно осмислен концерт на Дуке Бојаџиев инспириран од филмот. Концертот е поддржан од УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци. Дуке Бојаџиев е македонски композитор на филмска музика и пијанист. Низ неговата интернационална кариера во светот на филмската музика има соработувано со добитници на Оскар, како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со режисерите Тамара Котевска, Рајко Грлиќ и Столе Попов.

Филмска програма на 22. август ќе има и на Плато пред Музејот на Македонија, каде во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Мојата украдена планета“ (Германија / 2024 / 82 мин.) на Фарахназ Шарифи, додека во терминот од 22.30 часот се проекциите на краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог, кои поради технички проблеми не беа прикажани синоќа.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Директорката на основно училиште во Петровец дури денеска го видела мејлот за дојава за бомба испратена вчера

Редакција

Словенија од денеска со нова одлука за влез во државата: Потврда за вакцина, негативен ПЦР тест или прележан Ковид-19

Редакција

Починаа уште 42 лица од Ковид-19, вкупно 4.150

Редакција